Connect with us

Роберто Карлос итно опериран поради срцеви проблеми

Бразилската фудбалска легенда Роберто Карлос (52) бил хоспитализиран во Сао Паoло поради срцеви проблеми, а оперативниот зафат траел повеќе од три часа поради неочекувани компликации. Поранешниот лев бек, светски шампион со Бразил во 2002 година и трикратен освојувач на Лигата на шампионите со Реал Мадрид, во моментов се опоравува и е надвор од животна опасност.

Срцевите проблеми биле откриени случајно, откако Карлос се јавил на лекарски преглед поради малo крвнo згрутчување во ногата. Магнетната резонанца на целото тело покажала дека срцето не функционира правилно, по што итно бил примен на операција.

Според шпанскиот весник „АС“, интервенцијата која првично требало да трае околу 40 минути, значително се пролонгирала и траела речиси три часа. И покрај компликациите, операцијата завршила успешно. Истото издание наведува дека Карлос ќе остане под лекарски надзор уште најмалку два дена, а преку свои претставници тој испратил кратка порака во која истакнал дека „се чувствува добро“.

Ова е втор здравствен проблем за Роберто Карлос во текот на 2025 година. Во април беше принуден да го одложи планираното патување во Непал поради „ненадејна болест“, но неколку дена подоцна сепак пристигна во Катманду и присуствуваше на финалето на тамошната Суперлига.

На почетокот од годината, Карлос се најде и во центарот на медиумското внимание поради шпекулации за развод од сопругата Маријана Луком, мајка на две од неговите единаесет деца. Дел од медиумите објавија дека поради брачните проблеми тој живее во тренинг-кампот на Реал Мадрид, каде што работи како амбасадор на клубот, како и дека сопругата би можела да побара дел од неговото богатство, проценето на околу 133 милиони фунти.

Сепак, Карлос брзо ги демантираше овие наводи, нарекувајќи ги „неосновани гласини“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови