Connect with us

Реал Мадрид повторно се заинтересира за Родри?

Родри е еден од највпечатливите фудбалери на актуелното Светско првенство. Неговата форма постојано се подобрува по проблемите со повредите, а повторно се потврди како клучен играч во тимот на Луис де ла Фуенте. Благодарение на неговите одлични настапи, во Реал Мадрид повторно се отвори прашањето дали клубот згрешил што се откажа од негов ангажман.

Според „Дефенса Централ“, дел од раководството сега го охрабрува претседателот Флорентино Перез да ја активира операцијата за негов трансфер, чија вредност се проценува на околу 70 милиони евра.

Иако претходно изгледаше дека Перез целосно ја отфрлил можноста за доведување на Родри, неговите настапи на Мундијалот повторно ја разгореа дебатата во клубот.
Одличните партии во дресот на Шпанија ги засилија сомнежите дали првичната одлука била исправна. Дел од управата смета дека ова е идеална можност, бидејќи Манчестер Сити би можел да го продаде со оглед дека неговиот договор истекува за една година.
Според достапните информации, фудбалерот има желба да се врати во Шпанија.

Сепак, официјалниот став на претседателот засега останува непроменет. Во Реал Мадрид Родри го ценат како врвен и искусен играч, но сметаат дека цената е превисока ако се земат предвид неговата возраст, преостанатото времетраење на договорот и историјата со повреди. Најголемата дилема е фактот што зад себе има сериозна операција на коленото.

И покрај тоа, во Реал Мадрид имаат информации дека Манчестер Сити би бил подготвен да го продаде за околу 70 милиони евра. Таа сума се смета за прифатлива, но истовремено и за ризична инвестиција во играч кој моментално е во извонредна форма, но може повторно да се соочи со физички проблеми.

Познато е дека Реал Мадрид и натаму внимателно го следи пазарот на играчи од средниот ред. Тренерот Жозе Мурињо во вторникот, заедно со својот стручен штаб во тренинг-центарот „Валдебебас“, го следеше полуфиналниот натпревар меѓу Шпанија и Франција, со цел детално да ги анализира настапите на Родри. Мислењето на португалскиот стратег ќе има голема тежина, а доколку тој процени дека Родри е вистинското решение за средниот ред, Флорентино Перез би можел да даде зелено светло за трансферот.

Стратегијата на клубот, сепак, е насочена кон ангажман на помлад фудбалер без сериозна историја на повреди на коленото, што би претставувало поисплатлива долгорочна инвестиција. Иако Родри е еден од најдобрите играчи на својата позиција, неговите 30 години и тешката повреда од минатото се главните причини за претпазливоста во Реал Мадрид.

Во клубот се особено внимателни поради лошите искуства со играчи кои во претходните години имале слични проблеми, а подоцна повторно се соочиле со повреди. Поради тоа, Реал Мадрид не сака да ризикува да вложи 70 милиони евра во играч кој би можел за неколку месеци повторно да биде надвор од терените. Внатрешната дебата околу евентуалниот трансфер сè уште трае.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови