Connect with us

Реал Мадрид побара оставка од претседателот на Ла Лига по споредбата со нацистичката пропаганда

Реал Мадрид објави жестоко соопштение во кое побара итна оставка на Хавиер Тебас од функциите претседател на Ла Лига и потпретседател на Кралската шпанска фудбалска федерација. Причина за острата реакција на мадридскиот гигант се изјавите на Тебас на социјалните мрежи, во кои тој ја спореди комуникациската стратегија на клубот со методите на нацистичкиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс.


Од „кралскиот клуб“ ги оценија зборовите на првиот човек на Ла Лига како недозволив и морално неприфатлив напад, целосно неспоив со неговата институционална функција во шпанскиот фудбал.


Во официјалното соопштение, Реал Мадрид ги издвои главните причини поради кои смета дека Тебас треба веднаш да се повлече од функциите.


Прво, мадридскиот клуб смета дека е неприфатливо човек кој извршува две високи функции во шпанскиот фудбал да користи споредби со нацистичката пропаганда за да ги дискредитира клубот, неговото раководство и клупската телевизија. Според Реал, дополнителното објаснување на Тебас дека не мислел на нацистичката идеологија не ја намалува навредливата природа на неговата изјава.


Второ, клубот тврди дека станува збор за уште еден во низата напади на Тебас врз Реал Мадрид, неговиот претседател и медиумите на клубот. Од „Сантијаго Бернабеу“ сметаат дека претседателот на Ла Лига не смее да ги користи анализите и прашањата на независните новинари како повод за јавни дисквалификации и префрлање одговорност врз клубот.


Третата точка се однесува на аферата „Негреира“. Реал Мадрид наведува дека Тебас ги оспорува легитимните постапки на клубот во врска со случајот што се однесува на исплатите од Барселона кон поранешниот потпретседател на Техничкиот комитет на судии. Мадридскиот клуб тврди дека поради, како што оценува, недоволната реакција на шпанските институции, бил принуден да се обрати директно до УЕФА со барање за целосно расветлување на случајот.


Реал истовремено повикува на темелна реформа на судиските и фудбалските структури во Шпанија, обвинувајќи го Тебас дека наместо да работи на подобрување на состојбите, енергијата ја троши на напади врз мадридскиот клуб.


Четвртиот аргумент е поврзан со, според Реал, недостигот од неутралност и почит од страна на претседателот на Ла Лига. Клубот смета дека неговите постојани критики кон Реал и кон оние што бараат поголема транспарентност претставуваат пречка за развојот на шпанскиот фудбал.


На крајот, мадридскиот гигант оценува дека однесувањето на Тебас е недозволиво за раководител на европска спортска организација и бара негова итна оставка од функциите во Ла Лига и Шпанската фудбалска федерација.


Како започна новиот конфликт?


Последната ескалација на судирот меѓу Реал Мадрид и раководството на Ла Лига дојде откако Тебас ја критикуваше медиумската стратегија на клубот, споредувајќи ја со пропагандните методи на Јозеф Гебелс. Тој нагласи дека споредбата се однесува исклучиво на начинот на комуникација, а не на идеологијата или на навивачите на Реал.


Реакцијата на Тебас следуваше по текстови на новинарите Томас Гонсалес Мартин и Хесус Урдиола во весникот „Ел Дебате“. Првиот човек на Ла Лига оцени дека нивната новинарска работа сè потешко се разликува од официјалните соопштенија на Реал Мадрид.


„Со секој изминат ден станува сè потешко да се разликува вашата новинарска работа од официјалните соопштенија на Реал Мадрид. Томас, стана нивен официјален гласноговорник до тој степен што ги користиш истите изрази што сум ги слушал од висок функционер во Валдебебас. Постојано се повикувате на клупски извори, но недостасува каква било критичка дистанца од информациите што ги добивате од нив“, напиша Тебас.


Тој дополнително ја обвини клупската телевизија на Реал дека селективно ги анализира судиските одлуки и создава слика дека мадридскиот тим постојано е оштетен. Според него, повторувањето на одредени тврдења, барањето надворешен виновник и занемарувањето на други спорни ситуации потсетуваат на пропагандни техники.


Тебас исто така праша зошто не се анализираат сите натпревари од секое коло, вклучително и судиските грешки што им штетат на другите клубови или му одат во прилог на Реал Мадрид. Според неговата оценка, едностраните анализи ја зајакнуваат тезата дека мадридскиот клуб постојано е жртва, а случајот „Негреира“ се користи како аргумент во таа приказна.


Од Реал Мадрид брзо одговорија со официјално соопштение. Ова е втор ваков јавен судир меѓу двете страни за помалку од еден месец, откако тензиите дополнително се зголемија и по дербито против Атлетико Мадрид.


„За нашиот клуб е недозволиво претседателот на Ла Лига да ја злоупотребува својата институционална позиција за да го напаѓа и дискредитира Реал Мадрид при секое свое јавно појавување. Особено загрижува фактот што личноста која треба да ги обединува клубовите и да ги штити нивните интереси покажува ваква опседнатост и го претвора нашиот тим во постојана мета. Неговата последна изјава, во која си дозволува да ја оценува и нашата спортско-техничка стратегија, претставува неодговорност и недостиг од професионализам“, соопштија од Реал Мадрид.


Мадридскиот клуб најави дека ќе продолжи да ги брани своите права и углед, како и да бара целосно расветлување на случајот „Негреира“ и враќање на фер-плејот во шпанскиот фудбал.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови