Connect with us

Реал Мадрид има несекојдневен проблем: Има пари за засилувања, ама мора да направи место во тимот за нив

Реал Мадрид подготвува бурна завршница на летниот преоден рок, но во „Валдебебас“ се соочуваат со сериозен проблем што ги забавува плановите на Жозе Мурињо за дополнително засилување на тимот.

По трансферот на Јан Диоманде, кој наскоро треба и официјално да стане нов фудбалер на „кралскиот клуб“, главна цел на Мурињо е шпанскиот репрезентативец Родри.

Играчот за врска на Манчестер Сити, освојувач на „Златната топка“ за 2024 година и најдобар фудбалер на последното Светско првенство, е означен како идеално решение за средниот ред. Според шпанската новинарка Аранча Родригез, Реал веќе воспоставил првични контакти за да дознае под кои услови Манчестер Сити би бил подготвен да го продаде својот ас.

Проценките се дека англискиот клуб би барал меѓу 50 и 70 милиони евра за 30-годишниот Родри, кој има уште една година од договорот со „граѓаните“. Сити го доведе во 2019 година за 70 милиони евра.

Сепак, најголемиот проблем за Реал во моментов не е цената на трансферот, туку ограничениот простор во играчкиот кадар. Тимот веќе ги има пополнето сите 25 места, па за да пристигнат Диоманде и Родри, клубот прво ќе мора да реализира неколку заминувања.

Најблиску до излезната врата се Франко Мастантуоно, Раул Асенсио и Гонзало Гарсија, но ниту еден од тие трансфери не оди според планот. Мастантуоно наводно сака да се врати само во Ривер Плата, опција што Реал не ја разгледува. Асенсио нема намера да си замине и сака да го убеди Мурињо дека заслужува место во тимот, додека Гонзало Гарсија е заинтересиран за преселба во Фулам, но сè уште нема договор меѓу двата клуба.

Поради тоа, Реал Мадрид се најде во незавидна ситуација. Мурињо сака дополнително да го засили составот, раководството работи на големи трансфери, но без заминувања нема простор за нови имиња.

Родри останува една од најголемите желби на португалскиот стратег и би требало да биде последното големо парче од мозаикот во неговиот тим. Сепак, пред Реал да тргне во конкретен напад за потписот на шпанскиот репрезентативец, ќе мора да го реши најтешкиот дел од преодниот рок – да се раздели со неколку фудбалери од актуелниот состав.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови