Connect with us

Реал го победи Атлетико и ќе игра против Барса за трофеј во Суперкупот на Шпанија (ВИДЕО)

Реал Мадрид се пласираше во финалето на Суперкупот на Шпанија, откако во Џеда со 2-1 го совлада градскиот ривал Атлетико Мадрид. „Кралевите“ ја продолжија победничката серија и го забележаа петтиот триумф по ред во сите натпреварувања, а победата над тимот на Диего Симеоне ѝ дава уште поголема тежина.

Натпреварот едвај започна, а Реал веќе водеше – Федерико Валверде во втората минута постигна спектакуларен гол од слободен удар од речиси 30 метри. Раниот погодок ја отвори играта, а шанси се редеа на двете страни: Облак ги одбрани обидите на Родриго и Винисиус, додека Куртоа блескаше против Баена и Сорлот.

Во второто полувреме, иницијативата целосно му припадна на Реал. Во 55. минута Валверде асистираше, а Родриго со спретно движење го надмудри својот чувар и погоди за 2-0. Атлетико сепак брзо возврати – Симеоне продре по десната страна и со прецизен центаршут го пронајде Александер Серлот, кој со глава го намали резултатот на 2-1.

Следеше силен притисок на „јорганџиите“, а во игра влезе и Гризман. Куртоа повторно се покажа како стена на голот, а Лјоренте не успеа да ја казни својата поранешна екипа. Натпреварот доби и тензична нота по вербалниот судир меѓу Винисиус јуниор и Диего Симеоне, но и покрај иницијативата на Атлетико, резултатот остана непроменет.

Со тоа, Реал ја сочува предноста до крај и се пласираше во финалето, каде ќе се сретне со Барселона, која убедливо го елиминира Атлетик Билбао со 5-0.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови