Connect with us

Радески го замолкна Вардар, Струга ТЛ со голем триумф се доближи до Шкендија

Струга Трим Лум славеше минимална победа од 0-1 на гостувањето кај Вардар во дербито од 12. коло во Првата македонска фудбалска лига. Човек на одлука беше Марјан Радески, кој во 31. минута ја затресе мрежата на домаќините по одличната асистенција на Папе Фал.

Со овој триумф стружани стигнаа до 25 бода и се доближија на само еден бод до лидерот Шкендија. Вардар, пак, останува на четвртата позиција со 21 бод.

Домаќините подобро го отворија натпреварот и уште на почетокот добија можност за пенал, откако Закариќ беше соборен во шеснаесетникот. Сепак, по реакција од ВАР-собата, одлуката беше поништена поради претходна офсајд-позиција на напаѓачот на Вардар.

Струга потоа ја презеде иницијативата и во 25. минута Исмајли ја погоди стативата. Шест минути подоцна гостите ја искористија својата шанса. Папе Фал испрати прецизен центаршут од левата страна, а Радески одлично се снајде пред голот и донесе водство од 0-1.

Вардар се обиде да одговори по паузата. Во 50. минута Азер Омерагиќ шутираше со глава покрај голот, а пет минути подоцна домаќините ја пропуштија најголемата можност за израмнување. Маневски нафрли, Данев биеше од волеј, но голманот Васко Василев со извонредна интервенција речиси од гол-линијата ја спаси Струга.

На спротивната страна, Исмајли во 63. минута имаше можност да ја зголеми предноста, но Давид Талески навреме го скрати аголот и го спречи неговиот удар.

Во продолжението Вардар имаше поголем посед и се обидуваше да стигне до израмнување преку Омерагиќ, Пиреш и Данев, но не успеа да ја пробие одбраната на гостите. Струга умешно го бранеше минималното водство, а и покрај тоа што во судиското продолжение остана со играч помалку, успеа да ја сочува предноста и да освои големи три бода на гостувањето кај директниот ривал.

Башкими го победи Арсими со 2-1 во последниот дуел од 12. рунда од македонскиот шампионат.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови