Connect with us

ПСЖ го слави голманот кој одбрани четири пенали: Тој е „новиот Лав Јашин“

Голманот на ПСЖ, Матвеј Сафонов, одбрани четири од петте пенали против Фламенго и му го донесе трофејот од Интерконтиненталниот куп на парискиот клуб. Веднаш по големиот успех, 26-годишниот чувар на мрежата беше носен на раце од воодушевените соиграчи. Рускиот голман беше преплавен со пофалби, а од вчера веќе го нарекуваат „новиот Јашин“.

Таа споредба ја направи министерот за спорт на Русија, Михаил Дегтјарев.

„Честитки до Матвеј Сафонов за неговиот величествен настап и новиот рекорд на ФИФА. Тој е вистински наследник на легендарниот Јашин“, напиша Дегтјарев.

Легендарниот тренер Арсен Венгер исто така не го сокри своето воодушевување од голманот на ПСЖ.

„Сафонов е неверојатен! Поседува врвни квалитети и мора да добива повеќе минути на теренот“, изјави Венгер.

Ниту неговите соиграчи не останаа рамнодушни.

„Му се заблагодаривме. Матвеј е фантастичен и на теренот и надвор од него. Среќни сме што е дел од нашиот тим“, изјави Нуно Мендеш.

Капитенот Маркињос истакна:


„Во вакви моменти е исклучително важно да имаме голман кој ни влева сигурност. Благодарност оди и до целиот стручен штаб кој го поддржа и одлично го подготви. Сафонов има свои силни страни – способноста да реагира во вистинскиот момент, особено против противници со врвни напаѓачи и силни удари.“

Сафонов пристигна во ПСЖ во јуни 2024 година од Краснодар, но во првата сезона беше резерва на сигурниот прв голман Џанлуиџи Донарума. Ова лето Италијанецот го напушти клубот, но ПСЖ го доведе Лукас Шевалие, поради што Русинот повторно се најде во улога на втор голман. Сепак, синоќешниот настап би можел сериозно да ја промени неговата позиција во тимот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови