Connect with us

Прва голема сензација: Шпанија не успеа да ги победи Зеленортските острови (ВИДЕО)

Светското првенство штотуку започна, а веќе добивме натпревар кој долго ќе се памети.

Дебитантот и апсолутниот аутсајдер на Мундијалот, селекцијата на Зеленортските Острови, успеа да се одбрани од налетите на актуелниот европски шампион Шпанија и да освои сензационален бод, но и симпатии од навивачите ширум светот.

Во натпреварот од првото коло во групата Х, одигран во Атланта, Зеленортските Острови и Шпанија одиграа без голови, 0-0.

Очекуваната слика на теренот беше видлива уште од првата минута. Шпанците постојано ја имаа топката во свој посед, додека африканската селекција постави вистински бедем пред сопствениот гол.

Се забележуваше дека „црвената фурија“ влезе нешто поопуштено во дуелот против аутсајдерот, кој организирано и пожртвувано се бранеше. Толку успешно што европскиот шампион до 39. минута не создаде ниту една вистинска шанса.

Тогаш капитенот Родри на левата страна го пронајде Марк Кукуреља, кој со глава ја врати топката во петте метри до Феран Торес, а неговиот удар заврши во гредата. Одбиената топка стигна до Микел Ојарзабал, кој се обиде со глава, но 40-годишниот голман Возиња со одлична интервенција го сочува својот гол.

До крајот на првото полувреме Шпанија имаше уште две добри можности преку Торес и стоперот Ејмерик Лапорт, но Возиња повторно беше на висина на задачата.

И во второто полувреме сценариото остана исто. Шпанците повеќе се обидуваа со удари од далечина, но нивните шутеви не беа доволно прецизни за да го совладаат искусниот голман.

Како што се приближуваше крајот, Шпанците се обидуваа да го забрзаат ритамот, но Зеленортските Острови дополнително ја засилија борбеноста, останаа максимално концентрирани и не му дозволија на големиот фаворит да создаде чиста шанса за погодок.

Селекторот Луис де ла Фуенте немаше друг избор освен во игра да го внесе недоволно подготвениот Ламин Јамал по втората пауза за освежување, надевајќи се дека младата ѕвезда ќе ја реши средбата.

Заедно со Јамал во игра влезе и Микел Мерино. Токму тој се најде во добра можност 17 минути пред крајот, но неговиот удар беше слаб и Возиња повторно интервенираше сигурно.

Иако е лев бек, Кукуреља често беше најблиску до голот на противникот. Осум минути пред крајот се најде во одлична позиција, но многу лошо ја зафати топката со глава и Зеленортските Острови преживеаја уште една опасност.

Фудбалерите од Африка се фрлаа на секоја топка и херојски се бранеа. Така беше и во 87. минута, кога стоперот Лопес во последен момент го блокираше ударот на Ојарзабал.

А потоа, во 90. минута, Зеленортските Острови добија корнер и дојдоа до својата најголема шанса. Боржеш шутираше со глава, но директно во рацете на Унаи Симон.

Шпанците се обидоа со сè до последниот свиреж, но не успеаја да го скршат отпорот на противникот. Фудбалот уште еднаш покажа зошто е најважната споредна работа на светот, а Зеленортските Острови стигнаа до историски и сензационален бод.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови