Connect with us

Протекоа документи од ФИФА: Се работи на забрзано проширување на Мундијалот со 64 репрезентации, а потоа и итна „продажба“

ФИФА започна забрзана постапка за можна промена на форматот на Светското првенство, кое веќе од 2030 година би можело да брои дури 64 репрезентации, објавува британскиот „Гардијан“.

Според информациите, светската фудбалска организација веќе распишала тендер за независна анализа на економските последици од ваквата промена, а заинтересираните агенции добиле исклучително краток рок за изработка на студијата. Тоа дополнително ги засилува шпекулациите дека раководството на ФИФА сака што побрзо да донесе одлука.

Оваа иницијатива доаѓа во период кога претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, е под силен притисок поради контроверзниот проект „FIFA Forward Enterprise“ (FFE), кој предвидува продажба на дел од комерцијалните права на приватни инвеститори. На планот веќе остро му се спротивставија УЕФА, КОНКАКАФ и Азиската фудбалска конфедерација, а оставка поднесе и високиот советник Карлос Кордеиро.

Според интерен документ, агенциите треба да ги достават своите понуди до 7 август, избраниот изработувач ќе биде познат на 14 август, а конечната анализа мора да биде завршена до 11 септември. Ваквиот временски распоред сугерира дека конечната одлука за проширување би можела да биде донесена уште оваа година.

Од избраната агенција ќе се бара да го процени влијанието врз приходите на ФИФА, телевизиските права, спонзорите, националните федерации, лигите и клубовите, како и ефектите врз меѓународниот календар, квалитетот на фудбалот и добросостојбата на играчите. Во документот се наведува и дека треба да се анализира кои организации би го поддржале, а кои би се спротивставиле на проширувањето.

Кратките рокови дополнително предизвикуваат сомнежи, бидејќи анализата треба да биде завршена само осум дена пред 211-те членки на ФИФА да гласаат за формирањето на контроверзниот FFE.

Доколку биде одобрено проширувањето на 64 селекции, актуелниот формат со 48 репрезентации, кој дебитираше ова лето, би имал многу краток век. Претходно, од 1998 до 2022 година, на Мундијалите учествуваа 32 репрезентации.

Таквата промена би создала и сериозни организациски предизвици за домаќините на Светското првенство во 2030 година – Шпанија, Португалија и Мароко, додека по повод стогодишнината од првиот Мундијал по еден натпревар ќе се одигра и во Аргентина, Уругвај и Парагвај.

Во меѓувреме, отпорот кон идејата продолжува да расте. УЕФА и КОНКАКАФ веќе јавно се изјаснија против натамошно проширување на Светското првенство, додека претседателот на АФЦ, Шеик Салман бин Ибрахим Ал Калифа, предупреди дека таквиот потег би можел да создаде „хаос“ во светскиот фудбал. Првиот човек на КОНКАКАФ, Виктор Монтаљани, исто така изрази сомнеж дека оваа идеја е во интерес на спортот, додека УЕФА веќе најави можност и за бојкот доколку ФИФА продолжи со ваквите планови.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови