Connect with us

Премиер – лигата со ново правило става крај на голманското „тактизирање“ со повредите

Англискиот фудбал од оваа сезона започнува со тестирање на ново правило чија цел е да стави крај на таканаречените „тактички тајмаути“ што често ги користат голманите за да го забават натпреварот.

Мерката е договорена меѓу Фудбалската асоцијација на Англија, Премиер – лигата, Англиската фудбалска лига, Националната лига и Женската Суперлига, со официјално одобрение од Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации (ИФАБ).

Организацијата на англиските судии, предводена од поранешниот арбитар Хауард Веб, во изминатиот период разговараше со лигите за решавање на проблемот, а како решение беше предложено следното правило – доколку медицинскиот тим влезе на терен поради повреда на голман, неговиот тим привремено ќе остане со играч помалку.

Според новата регулатива, ако судијата му дозволи на физиотерапевтот да влезе на терен за да му укаже помош на голманот, тренерот на тимот ќе има 10 секунди да му посочи на четвртиот судија кој играч од поле ќе го напушти теренот.

Избраниот фудбалер ќе остане надвор од игра една минута по продолжувањето на натпреварот. Доколку тренерот не одреди играч во предвидениот рок од 10 секунди, теренот автоматски ќе мора да го напушти капитенот на тимот.

Новото правило првпат ќе биде тестирано оваа сабота, на натпреварот од прелиминарната рунда во Лига купот меѓу Транмие и Рочдејл.

Слични тестирања планира и австралиската А-лига, но таму е предвидено секогаш капитенот да биде играчот кој ќе го напушта теренот доколку има медицинска интервенција кај голманот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови