Турскиот фудбал го тресе огромен скандал со нелегално обложување, во кој се вклучени стотици фудбалери, сопственици на клубови и судии. Во тек се обемни полициски истраги, извршени се бројни апсења, а повеќе од 1000 играчи се суспендирани додека размерите на скандалот продолжуваат да се шират, пишува „Би-Би-Си“.
Претседателот на Турската фудбалска федерација (ТФФ), Ибрахим Хачиосманоглу, на прес-конференција на почетокот на месецов изјави дека забележува „растечко чувство на паника“ во турскиот фудбал, „како што операциите се продлабочуваат“.
Минатиот месец ТФФ суспендираше 1024 играчи од професионалните лиги, а потоа изрече забрани за уште 102 играчи од првите две лиги поради „активности поврзани со обложување“. Минатата недела обвинителите наредија апсење на 46 лица, меѓу кои играчи, претседатели на клубови, коментатори и еден судија, поради сомнеж за внатрешно обложување.
Fenerbahçe kulübünün kaptanı Mert Hakan Yandaş, bahis soruşturması kapsamında gözaltına alındığına dair görüntüleri…
— Colmanın Bandanası (@2agustoss1967) December 8, 2025
Trabzon’a girerken ki yürüyüşünden eser kalmamış 😎😎😎😎😎😎😎😎 pic.twitter.com/o9AHCCmCcT
Меѓу приведените има и познати имиња, како фудбалерот на Галатасарај Метехан Балтаџи и капитенот на Фенербахче, Мерт Хакан Јандаш, како и поранешниот претседател на Адана Демирспор, Мурат Санџак. Правилата на ТФФ, ФИФА и УЕФА строго им забрануваат на играчите, клупските функционери и судиите какви било активности поврзани со обложување.
Како започна сè?
Скандалот првпат излезе во јавноста на 27 октомври, а првично во фокусот беа судиите. Петгодишната истрага на ТФФ откри дека дури 371 од вкупно 571 судија во Турција имале сметки за обложување, од кои 152 активно се обложувале. Додека некои се обложиле само еднаш, евидентирано е дека 42 судии се обложувале на повеќе од 1000 фудбалски натпревари, а еден рекордер уплатил дури 18.227 облози. Меѓу нив имало седум судии од највисокото ниво на натпреварување и 15 помошни судии од Суперлигата.
По објавата на ТФФ, Главното јавно обвинителство во Истанбул соопшти дека извештајот ќе го третира како официјална кривична пријава и дека истрагите ќе се прошират, што набрзо и се случи.
Хронологија на скандалот
Настаните се одвиваа брзо. Веќе на 7 ноември обвинителите наредија притворање на 21 лице поради сомнеж за „манипулирање со резултатите на натпреварите“. Три дена подоцна, на 10 ноември, беа уапсени осум осомничени, меѓу кои и претседателот на прволигашот Ејупспор, Мурат Озкаја. Истиот ден ТФФ објави дека 1024 играчи ги упатил пред дисциплинската комисија, а поради масовните суспензии побара од ФИФА продолжување на зимскиот преоден рок за 15 дена.
Забраните следуваа на 13 ноември за 102 играчи од првите две лиги, во период од 45 дена до 12 месеци. Меѓу нив беа Балтаџи (девет месеци) и Ерен Елмали (45 дена). Пет дена подоцна, на 18 ноември, беа изречени забрани за 282 играчи од третата лига, а на 20 ноември за уште 638 играчи од четвртата лига и оние без клуб.
Втор бран апсења
Главниот истанбулски обвинител Акин Гурлек уште на 20 ноември најави можни нови апсења, наведувајќи дека многу осомничени уплаќале облози преку роднини или посредници. Вториот бран апсења се случи на 5 декември, кога беа приведени 46 лица. Три дена подоцна, на 8 декември, официјално беа уапсени уште 20 лица, меѓу кои Јандаш, Балтаџи и Санџак.
Што велат обвинетите играчи?
Обвинителството тврди дека Јандаш имал значајни финансиски трансакции со долгогодишен соработник и дека тие средства биле префрлани на сметки користени за обложување на натпревари на Фенербахче. Го обвинуваат за однесување „насочено кон влијание врз резултатите на натпреварите“.
Јандаш, од друга страна, негира дека се обложувал на сопствените натпревари. Тврди дека позајмил пари на човек кој претходно му помогнал финансиски и дека не знаел оти парите ќе бидат користени за обложување, негирајќи каква било вмешаност во местење натпревари.
Балтаџи се товари дека се обложувал на 27 натпревари на сопствениот тим преку легална страница, како и дека користел нелегални платформи, односно дека „индивидуално учествувал во активности на обложување насочени кон влијание врз резултатите на натпреварите“.
Тој признава дека се обложувал како млад фудбалер, тврдејќи дека не знаел оти тоа е незаконски, но негира дека се обложувал на натпреварите на Галатасарај по влегувањето во сениорскиот тим.
„Ова сериозно му штети на турскиот фудбал“
Претседателот на ТФФ, Хачиосманоглу, потврди дека федерацијата го споделила својот извештај со ФИФА и УЕФА, но кровните фудбалски организации сè уште јавно не се огласиле. Во моментов три турски клуба се натпреваруваат во Европа: Галатасарај во Лигата на шампионите, Фенербахче во Лига Европа и Самсунспор во Конференциската лига.
Фудбалерот на Галатасарај, Елмали, кој е суспендиран на 45 дена, беше исфрлен од репрезентацијата и ги пропушти натпреварите од Лигата на шампионите, додека Џелил Јуксел од Самсунспор исто така доби суспензија од 45 дена. Спортскиот адвокат Анил Динчер изјави дека скандалот „сериозно го нарушил имиџот на турскиот фудбал“, но додаде дека транспарентен процес може да има позитивен долгорочен ефект.
„Ако процесот се води правилно, Турција може да испрати силна порака до светот: дека турскиот фудбал е исчистен“, рече тој. Притоа предупреди дека лошо водење на истрагата може да доведе до санкции од УЕФА или ФИФА, вклучувајќи и можност за исфрлање на турските клубови од европските натпреварувања.
Реагираа и некои од водечките турски клубови. Бешикташ порача дека истрагата за судиите „може да означи нов почеток за чист фудбал“, додека Трабзонспор ги нарече настаните „историска можност за повторна изградба на правдата во турскиот фудбал“.
Со оглед на можните нови кривични пријави, судски процеси и дополнителни забрани што се очекуваат, се чини дека крајот на овој голем фудбалски скандал сè уште е далеку.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ЕСЕНТА
Вардар заврши на врвот, ја мина есента без ниеден пораз и има пол-позиција пред...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА ЕСЕНТА: РОЏЕРС МАТО (ВАРДАР)
Вардар е лидер на табелата по првиот дел од сезоната, а „машината“ на Гоце...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Де Јонг: Однесувањето на судијата беше срамно
Евро-фудбал
Фулкруг го разби бункерот на Лече
Евро-фудбал
Ливерпул сака да го купи Камавинга
Евро-фудбал
Лео Меси откри каде ќе ја заврши кариерата
Евро-фудбал
Баерн за едно полувреме го растури Лајпциг













