Connect with us

Положани: Среќни сме за триумфот, но има и многу работи кои мора да ги подобриме

Тренерот Артим Положани имаше деби од соништата на клупата на Шкендија, откако тетовскиот тим славеше убедлива победа од 0-5 против ФК Европа на Гибралтар, во првиот натпревар од првото квалификациско коло во Конференциската лига на УЕФА.

Серијата голови ја отвори Нѕенге во 28. минута, додека Тамба во второто полувреме двапати ја затресе мрежата (52. и 75.). Алмир Креизиу го постигна својот прв гол во дресот на Шкендија во 83. минута, а искусниот Бесарт Ибраими само пет минути подоцна ги постави конечните 0-5.

По натпреварот, Положани го изнесе своето видување за убедливиот триумф.

„Очекувавме тежок натпревар, но кога ќе победите со ваков резултат, морам да им честитам на момците за убедливата победа. Сепак, во нашата игра имаше одредени недостатоци што мора да ги исправиме, бидејќи ќе ни бидат важни во продолжението од сезоната. Оваа победа ќе ни даде дополнителен морал и самодоверба за патот што го посакуваме – да стигнеме што подалеку во европските натпреварувања“, изјави Положани.

„Треба да направиме сѐ за да го повториме тој успех, бидејќи чувството е прекрасно кога ќе се повтори. Не смееме да се задоволиме со тоа што еднаш стигнавме до групната фаза во Конференциската лига. Напротив, сакаме повторно да бидеме на тоа ниво, а ако е можно и да направиме чекор повеќе. Тоа ќе биде голем успех и за клубот и за македонскиот фудбал.“

„Психолошки, ова е резултат што ни носи голема сигурност пред реваншот. Но, ако го тргнеме настрана конечниот резултат, имаше многу работи што мораме да ги анализираме и поправиме. Имавме грешки во одредени сегменти од играта и тие мора да се коригираат, бидејќи ќе ни бидат важни во следните натпревари. Дополнително, треба да се земе предвид дека игравме на вештачка трева, што исто така беше отежнувачка околност. Најважно е што момците го дадоа максимумот, но анализата ќе покаже што треба да подобриме.“

„Од личен аспект, емоциите се огромни бидејќи ова е клубот што го сакам. Среќен сум што првата европска победа како тренер ја остварив токму со мојот клуб и се надевам дека оваа приказна ќе продолжи. Особено ме радува што сите офанзивни играчи постигнаа голови, бидејќи тоа ќе им даде дополнителна самодоверба. Задоволен сум и од новите фудбалери. Сите што дебитираа оставија позитивен впечаток, бидејќи дојдоа во нова средина и нормално е да им треба време за целосно да се вклопат“, заврши новиот тренер на Шкендија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови