Селекторот на Шкотска, Себастијан Покоњоли, очекува неговите избраници да го покажат најдоброто издание на гостувањето во Скопје против Македонија.
Шкотите по првите две кола сè уште се без победа, па Покоњоли посакува неговиот тим да продолжи онаму каде што застана против Словенија, особено во завршните 30 минути од тој натпревар.
„Сакаме да го покажеме она што го работевме на тренинзите во изминатите денови. Треба да играме како во последните 30 минути против Словенија и да стигнеме до првата победа“, изјави Покоњоли.
Селекторот на Шкотска смета дека резултатите досега не ја отсликуваат целосно играта на неговата репрезентација. Тој потсети и на околностите под кои неговиот тим ги одигра првите два натпревари.
„Не чувствуваме притисок, одиме чекор по чекор. Имаше многу позитивни работи во нашата игра, иако резултатите можеби не се според очекувањата. Верувам дека по првата победа работите ќе тргнат во подобра насока. Против Словенија заслуживме да победиме, додека против Швајцарија рано останавме со играч помалку, што целосно го промени текот на натпреварот“, истакна Покоњоли.
Тој очекува тежок дуел на Националната арена „Тодор Проески“, но јасно ја посочи целта на Шкотска – освојување на трите бода.
„Секогаш добро го анализираме противникот. Натпреварите на гости се секогаш тешки. Македонија не така одамна имаше успешен период и остваруваше добри резултати. Имаме голем респект кон противникот, но за нас ова ќе биде предизвик да одиграме онака како што сакаме и да освоиме три бода во Скопје“, додаде шкотскиот селектор.
Репрезентативецот на Шкотска, Џон МекГин, очекува интересен и неизвесен натпревар против Македонија, но јасно стави до знаење дека целта на неговата селекција ќе биде освојување на трите бода.
Шкотска по две кола има само еден бод, додека Македонија е без бодови, но МекГин предупредува дека резултатите не се доволна слика за квалитетот на македонскиот тим.
„Македонија не го започна натпреварувањето како што посакуваше, со два порази, додека ние имаме само еден бод. Сепак, имаат квалитетни и опасни фудбалери. Влегуваме во натпреварот со голем респект кон нив, но нашата цел се трите бода“, изјави МекГин.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













