Connect with us

Пандев: Седлоски е човек со карактер и визија, тој е вистинскиот избор

Горан Пандев, директорот на националните селекции во Фудбалската федерација на Македонија, на денешната промоција ја изрази својата целосна поддршка за именувањето на Гоце Седлоски за нов селектор на македонската А репрезентација.

„Сакам прво да му честитам на Гоце за довербата и изборот. Исто така, голема благодарност до Благоја Милевски за сè што направи за македонскиот фудбал“, изјави Пандев.

Според него, Седлоски е човек со карактер и визија, кој со своето искуство како поранешен репрезентативец и тренер има потенцијал да ја подигне играта на националниот тим.

„Го знам Седлоски многу години, сме играле заедно. Го познавам како човек и како личност и сум сигурен дека е вистинскиот избор за селектор“, додаде Пандев, нагласувајќи ја довербата која е изградена уште од нивните играчки денови.

Директорот на националните селекции подвлече дека пред Седлоски стои голем предизвик, но и значајна можност за успех.

„Пред него е сериозна задача, но верувам дека ќе направи голем напредок со репрезентацијата“, рече Пандев.

Новото официјално деби на Седлоски ќе се случи во март, во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство 2026 против Данска, на теренот на противникот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови