Connect with us

Падна првата селекторска „жртва“ на СП, Тунис го смени Сабри Ламуши

Светското првенство во САД ја донесе првата тренерска жртва. По убедливиот пораз од Шведска со 5-1 во воведното коло, Фудбалската федерација на Тунис донесе одлука да му врачи отказ на селекторот Сабри Ламуши.

Според информациите од туниските медиуми, челниците на федерацијата одржале итен состанок веднаш по натпреварот и експресно одлучиле да ја прекинат соработката со 54-годишниот стратег.

До крајот на настапот на Мундијалот селекцијата привремено ќе ја предводи досегашниот помошник Вахби Казри, додека како главен кандидат за трајно преземање на репрезентацијата по завршувањето на турнирот се споменува Мондер Кебаир.

Ламуши беше назначен за селектор во јануари оваа година, но неговиот мандат траеше кратко. Под негово водство Тунис одигра пет натпревари и забележа само една победа, едно реми и три порази.

Тунижаните ги очекуваат уште дуелите против Јапонија и Холандија во групната фаза, но по тешкиот пораз на стартот шансите за пласман во следната рунда се сведени на минимум.

Интересно е што Ламуши не е првиот селектор кој добил отказ среде Светско првенство. Низ историјата имало неколку вакви случаи. Нигерија го отпушти Филип Трусие за време на Мундијалот во Франција во 1998 година, додека Саудиска Арабија се раздели со Насер Ал-Џохар по катастрофалниот пораз од Германија со 8-0 на Светското првенство во 2002 година.

Еден од најпознатите примери е и случајот со Хулен Лопетеги, кој беше разрешен од селекторската функција во Шпанија само два дена пред почетокот на Светското првенство во Русија во 2018 година поради договорот со Реал Мадрид.

Посебно место во оваа необична статистика има и Вахид Халилхоџиќ. Босанскиот стручњак дури трипати остана без селекторската функција непосредно пред почеток на Мундијал – со Брегот на Слоновата Коска, Јапонија и со Мароко.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови