Connect with us

Откриена причината за слабата партија на Халанд против Англија

Ерлинг Халанд настапил со здравствени проблеми во четвртфиналето на Светското првенство против Англија, тврди поранешниот напаѓач на Челси, Тони Каскарино.

Норвешкиот голгетер беше далеку од своето препознатливо ниво во дуелот со гордиот Албион, а Каскарино откри дека на полувремето од натпреварот добил информација од доверлив извор дека Халанд пред мечот се борел со вироза.

„Физички не изгледаше добро. Беше заменет, но не поради повреда. Верувам дека информацијата што ја добив беше точна. Го мачеше болест“, изјави Каскарино за „Токспорт“.

Халанд против Англија го одигра својот најслаб натпревар на Мундијалот. Напаѓачот на Норвешка речиси и да не успеваше да се наметне покрај англиските дефанзивци Марк Гехи и Џон Стоунс, а неговото издание беше далеку под очекувањата.

Информациите за здравствените проблеми на норвешките фудбалери се појавија уште неколку дена пред четвртфиналето, кога беше објавено дека вирус се проширил низ соблекувалната на „викинзите“. Сепак, тогаш не беше познато кои играчи биле погодени.

Сега се шпекулира дека меѓу нив бил и најважниот фудбалер на Норвешка. Халанд не успеа да ја продолжи историската приказна на својата репрезентација и да обезбеди пласман во полуфиналето.

И покрај проблемите, напаѓачот остана на теренот до крајот на првото продолжение, по што селекторот Стале Солбакен реши да го замени.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови