Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, се осврна на казната што УЕФА му ја изрече на Вардар, нагласувајќи дека случајот нема никаква поврзаност со работата на федерацијата.
Европската куќа на фудбалот го казни македонскиот шампион со 250.000 евра и го стави под посебен мониторинг во наредните три години поради утврдени неправилности во финансиското работење, меѓу кои двојни договори и фалсификувана документација.
Според Омерагиќ, истрагата на УЕФА траела неколку месеци, а ФФМ немала никакво влијание врз процесот или конечната одлука.
„УЕФА нѐ контактираше и истрагата траеше пет до шест месеци. Ова е процес врз кој ФФМ не може да влијае. Федерацијата е чиста во овој случај и нема никаква поврзаност со одлуката. УЕФА ја донесе санкцијата, а таа можеше да биде и многу построга, односно Вардар да остане без право на настап во европските натпреварувања. Казната е сериозна, но добро е што клубот нема да биде исфрлен од Европа“, изјави Омерагиќ.
Првиот човек на македонскиот фудбал направи осврт и на штотуку завршената сезона во домашното првенство, која ја оцени како успешна од организациски аспект.
„Имавме квалитетно и неизвесно првенство. Немаше скандалозни одлуки поврзани со ВАР-технологијата, а сите реформи што ги планиравме беа реализирани во рекордно краток период. Некои инциденти по натпреварите остануваат дамка, но генерално можеме да бидеме задоволни од сезоната. Да се пласиравме и на Светското првенство, тогаш годината ќе беше комплетна“, истакна Омерагиќ.
Тој зборуваше и за новите прволигаши, Скопје и Шкендија Арачиново, откривајќи дека двата клуба добиле известување за обврските што мора да ги исполнат пред почетокот на сезоната.
„До Скопје и Шкендија Арачиново се испратени дописи со кои се бара во најкус можен рок да го завршат процесот на лиценцирање. Тоа не е прашање на одлука на ФФМ, туку на почитување на пропишаните правила и критериуми“, додаде претседателот на ФФМ.
-
„Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриa Фудбал Форум 2026“
Оваа година „Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриа Фудбал Форум“, еден од најважните...
Автор makfudbal
-
ФИЛИП ЛАМ ексклузивно ЗА МАКФУДБАЛ: Германија мора повторно да го пронајде својот идентитет
Шокиран сум. Германија по третпат по ред е елиминирана во раната фаза на едно...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Меси „невидлив“ на почетокот против Шпанија!













