Connect with us

Оливер Кан го избра најдобриот во историјата: Не е ниту Лео Меси, ниту Кристијано Роналдо…

Легендарниот германски голман Оливер Кан без двоумење го избра својот фаворит во вечната дебата за најдобар фудбалер на сите времиња. Според него, бразилскиот ас Роналдо Назарио е недостижен за сите, вклучително и за Лионел Меси и Кристијано Роналдо.

„За мене, Роналдо беше многу подобар од Меси и од Кристијано“, изјави Кан, потенцирајќи дека Бразилецот го смета за најкомплетниот играч што некогаш го видел.

Иронијата е што токму Роналдо беше кобен за Кан во финалето на Светско првенство 2002, кога со два гола ѝ ја донесе титулата на Бразил, оставајќи ја Германија без трофеј. Сепак, и покрај тој болен пораз, Кан нема дилеми – „Феноменот“ е број еден.

„Сè уште го гледам како најкомплетниот фудбалер во историјата. Тој е најдобриот што сум го видел“, додаде поранешниот чувар на мрежата.

Кан остави длабока трага во Баерн Минхен, за кој одигра 632 натпревари и освои сè што можеше да се освои на клупско ниво. Кариерата ја започна во Карлсруе, каде ги направи првите професионални чекори.

Од друга страна, приказната за Роналдо е добро позната. Кариерата ја почна во Крузеиро, блесна во ПСВ Ајндховен и Барселона, а вистински подем доживеа во Интер. И покрај двете тешки повреди на колената, се врати посилен и во 2002 година го одведе Бразил до светскиот трон.

Подоцна настапуваше и за Реал Мадрид, Милан и Коринтијанс, каде ја заврши кариерата во 2011 година.

Без оглед на новите генерации, за многумина, а особено за Оливер Кан, бразилскиот „Феномен“ останува неповторлив.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови