Connect with us

Огромен број фанови и фудбалски легенди го испратија големиот Франко Барези (ФОТО+ВИДЕО)

Илјадници навивачи и бројни фудбалски легенди присуствуваа на денешниот погреб на великанот на италијанскиот и европскиот фудбал, Франко Барези, кој почина на 31 јули на 66-годишна возраст. Церемонијата се одржа во базиликата „Сант Амброџо“ во Милано.

Пред храмот се собраа голем број ултраси и навивачи на Милан, кои постојано скандираа во чест на легендарниот стопер: „Барези – еден од нас“, „Постои само еден капитен“ и „Вечната шестка – Франко Барези“. Поставен беше и огромен транспарент со натпис: „Франко Барези: бесмртна легенда, вечно знаме што никогаш нема да престане да се вее. Збогум, капитене“. Навивачката група „Курва Суд“ го развеа својот препознатлив црвено-црн транспарент со името на Барези и неговиот легендарен број „6“.

Делегацијата на Милан ја предводеа сопственикот Џери Кардинале, претседателот Паоло Скарони, други членови на управата, како и фудбалерите Кристијан Пулишиќ и Сантијаго Хименез. Ковчегот на Барези го носеа неговите поранешни соиграчи од „росонерите“, Даниеле Масаро, Роберто Донадони, Филипо Гали, Џовани Гали, Анџело Коломбо и Марко ван Бастен.

На последното збогување присуствуваа и голем број легенди на Милан и италијанскиот фудбал, меѓу кои Паоло Малдини, Алесандро Костакурта, Фабио Капело, Дејан Савичевиќ, Деметрио Албертини, Себастијано Роси, Џанлука Замброта, Алберико Евани, Марко Симоне, Невио Скала, Пјетро Паоло Вирдис, Мауро Тасоти, Кларенс Сидорф, Дида, Масимо Амброзини и Роберто Баџо.

На церемонијата беа присутни и неодамнешниот спортски директор на Милан, Игли Таре, претседателите на Интер и Торино, Џузепе Марота и Урбано Каиро, градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, делегации на Реал Мадрид и Барселона, како и легендарниот тенисер Роџер Федерер.

Првиот говор го одржа легендата на Интер, Џузепе Бергоми, кој заедно со Барези го носеше олимпискиот факел на отворањето на Зимските олимписки игри во Милано – настан што остана последното јавно појавување на славниот капитен на Милан.

Пред базиликата беа положени повеќе од 20 венци, а денешниот ден во Милано беше прогласен за Ден на жалост во чест на Франко Барези, при што знамињата низ градот беа спуштени на половина копје.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови