Connect with us

Обвинителството бара 12 години затвор за лекарот на Марадона

Аргентинското обвинителство побара 12-годишна затворска казна за неврохирургот Леополдо Луке, личниот лекар на Диего Армандо Марадона, во судскиот процес за смртта на легендарниот аргентински фудбалер.

Според „Марка“, обвинителите за Луке бараат и десетгодишна забрана за вршење професија. Тој е обвинет за убиство со евентуална умисла, односно дека бил свесен за ризикот од фатален исход и го прифатил таквиот ризик.

Истата правна квалификација е побарана и за Нанси Форлини, координаторка на домашното лекување од приватната медицинска компанија „Суис Медикал“. За неа обвинителството побара десет години затвор и десетгодишна забрана за вршење професија.

За психијатарот Агустина Косачов е побарана казна од осум години затвор, како и десетгодишна забрана за медицинска практика.

Обвинителството побара петгодишна затворска казна и десетгодишна забрана за работа и за психологот Карлос Диас. За главниот медицински брат Мариано Перони и медицинскиот брат Рикардо Алмирон се бараат по четири години затвор, како и осумгодишна забрана за вршење професија.

За последните тројца, обвинителите бараат поблага правна квалификација – предизвикување смрт од небрежност.

Единствениот обвинет за кого обвинителството побара целосно ослободување е интернистот Педро Ди Спанја. Образложението е дека тој го прегледал Марадона само еднаш и немал ниту овластувања ниту реална можност да влијае врз целокупниот план за неговото лекување.

Диего Марадона почина на 25 ноември 2020 година, додека се опоравуваше во својот дом. Обвинителот Патрисио Ферари тврди дека шестмина од обвинетите ги прекршиле своите професионални обврски, постапувале спротивно на медицинските стандарди и го оставиле Марадона во состојба на целосна беспомошност и изолација.

Во завршните зборови обвинителите домашното лекување го опишаа како целосно неорганизирано и хаотично, со две одделни линии на одлучување. Од едната страна бил личниот лекар Луке, а од другата Форлини, која дејствувала во име на „Суис Медикал“.

Судскиот процес започна на 14 април пред Кривичниот суд број 7 во Сан Исидро, во близина на Буенос Аирес. Досега се одржани 45 рочишта, на кои биле сослушани 75 сведоци, додека биле анализирани и стотици пораки од мобилните телефони на обвинетите.

Сега останува судот да донесе конечна одлука за одговорноста на медицинскиот тим кој се грижел за Марадона во последните денови од неговиот живот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови