Лионел Меси денес е најголемата фудбалска икона на Аргентина, човекот кој ја врати светската титула во Буенос Аирес и лидер на селекцијата која повторно сонува за трофеј на Мундијалот.
Но, неверојатно звучи фактот дека доколку неговиот фудбалски пат започнува во денешни услови, осумкратниот освојувач на „Златната топка“ можеби немаше ни да добие шанса да настапува за младинските селекции на својата земја.
Причината е новото правило на Аргентинската фудбалска асоцијација, со кое федерацијата сака да ги заштити домашните клубови од раното заминување на најголемите таленти во Европа.
Според новата регулатива, младите фудбалери кои ќе ја напуштат Аргентина пред да потпишат прв професионален договор со домашен клуб нема да бидат повикувани во националните селекции.
Токму оваа одлука би го погодила Меси, кој како 13-годишно момче го напушти Њуелс Олд Бојс и замина во Барселона, каде што започна да се развива во легендарната академија „Ла Масија“.
Зошто Аргентина го воведе ова правило?
Во Аргентина професионалните договори можат да се потпишат на 16-годишна возраст. До тој момент родителите имаат големо влијание врз иднината на младите фудбалери, што им овозможува на талентите полесно да заминат во странство.
На тој начин, клубовите кои инвестирале години во развојот на играчите често остануваат без вистинска финансиска компензација, добивајќи само минимален надомест за развој.
Раководството на аргентинскиот фудбал смета дека домашните клубови губат огромен број таленти и значајни приходи поради ваквата практика.
„Одлуката на претседателот и Извршниот одбор е донесена со цел да се заштитат интересите на клубовите кои ги развиваат играчите. Оној кој ќе ги искористи родителските права за да замине во странство нема да биде повикуван во младинските репрезентации“, изјави Хавиер Мендес Картие, директорот на младинските селекции на Аргентина.
Одлуката, според федерацијата, била донесена едногласно.
Иако приказната на Меси е најпознат пример, тој не е единствениот аргентински фудбалер кој многу млад заминал во Европа.
Емилијано Мартинез ја напушти академијата на Индепендиенте и како тинејџер се пресели во Арсенал, додека Џулијано Симеоне од Ривер Плата замина во Атлетико Мадрид.
Главниот повод за воведувањето на правилото наводно било заминувањето на 16-годишниот Лукас Скарлата од Ривер Плата во Парма, без претходно да потпише професионален договор во Аргентина.
Од федерацијата нагласуваат дека целта не е да се казнат играчите кои веќе настапуваат за сениорската репрезентација, туку да се спречи нов бран на рани заминувања без клубовите да добијат соодветна заштита.
Додека новото правило би му го отежнало патот до репрезентативниот дрес, Меси денес повторно е лидер на Аргентина во борбата за одбрана на светската титула.
„Гаучосите“ по продолженија ја совладаа Швајцарија со 3-1 и обезбедија место во полуфиналето, каде што ќе се соочат со Англија. Тоа ќе биде првиот дуел на Меси против англиската репрезентација во неговата кариера.
„Англија е фудбалска велесила и натпреварите против такви селекции секогаш се посебни. Играв против речиси сите, но никогаш против Англија“, изјави Меси.
Аргентинската ѕвезда испрати и јасна порака пред големиот натпревар:
„Повторно страдавме, но овој тим никогаш не престанува да верува. Повторно сме меѓу четирите најдобри репрезентации во светот. Одиме понатаму!“
Аргентина брка втора последователна и четврта светска титула, а Меси на својот рекорден шести Мундијал повторно е главниот лидер. Сепак, неговата неверојатна приказна можеше да изгледа сосема поинаку доколку новото правило постоеше пред повеќе од две децении.
-
„Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриa Фудбал Форум 2026“
Оваа година „Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриа Фудбал Форум“, еден од најважните...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Фабијани, очигледно, не е тренер за Вардар – нека „пали“ за Аргентина !
Можеби Кристијан Фабијани е Аргентинец, можеби и бил квалитетен фудбалер, меѓутоа повеќе од очигледно...
Автор Nikola Gjurovski
Евро-фудбал
Падна договор, Феран Торес прави трансфер во ПСЖ
Евро-фудбал
Тешка повреда на последниот тренинг на Барселона













