Connect with us

Ново партнерство меѓу УНИЦЕФ и ФФМ

Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Фудбалската федерација на Македонија објавија ново партнерство поврзано со Светскиот ден на детето, со кое ќе ја промовираат важноста на инклузијата, недискриминацијата и еднаквоста на децата и младите во спортот и во игрите.

Оваа година Светскиот ден на детето се одржува на истиот ден кога започнува Светското првенство во фудбал, што создава единствена можност да се искористи моќта на фудбалот за целиот свет да се обедини и да се потсети дека кога станува збор за правата на децата – може да има само еден тим.

„Без разлика за која држава навиваме на Светското првенство, кога станува збор за правата на децата, сите сме во ист тим. Секое дете заслужува да се чувствува безбедно, заштитено и уважено“, изјави претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани. „

Спортот и играта се повеќе од само забава.За децата тие создаваат чувство на припадност кон заедница, можност да споделуваат заеднички успеси или порази, и да учат важни животни поуки за тоа што е почит, вклученост, соработка и лидерство“.

„Драго ни е што оваа година, по повод Светскиот ден на детето, во соработка со УНИЦЕФ и пред почетокот на Светското фудбалско првенство, имаме можност да испратиме заедничка порака за вклученост, недискриминација и почитување на детските права,“ рече претседателот на Фудбалската федерација на Македонија Муамед Сејдини.

“Пораката што ќе ја испратат нашите фудбалери е потсетник за секој од нас да ги почитува правата на децата, да даваме еднакви можности на сите деца, квалитетно и инклузивно образование, живот во здрава животна средина и добро ментално здравје. Се обидуваме фудбалот да го направиме место за пример каде ќе се почитуваат детските права и ќе им се даваат шанси на сите деца, но и платформа од која ќе повикуваме и другите актери во нашето општество да го сторат истото“.

Иницијативата ќе опфати заедничка мултимедијална кампања под мотото „Сите сме во ист тим кога се работи за децата“ со фудбалери од државната репрезентација и деца од различно потекло, со заедничко испраќање позитивни пораки за еднаквост и инклузија на секое дете. На Светскиот ден на детето, на 20. ноември, ќе се одржи пријателски фудбалски натпревар помеѓу фудбалери од репрезентацијата и децата.

Со ова партнерство УНИЦЕФ и ФФМ имаат за цел да отпочнат јавна дискусија и да ја подигнат свеста за правото на игра на децата со попреченост, вклучување на девојчињата во спортот, залагање за правата на сите деца во спортот и важноста на спортот и играта за личната добросостојба и цврстината на менталното здравје кај децата и младите.

За Светскиот ден на детето

Светскиот ден на детето, кој се одржува секоја година на 20 ноември, на годишнината од усвојувањето на Конвенцијата за правата на детето, ги истакнува критичните теми кои влијаат врз животот на децата и ја поддржува општествената ангажираност на децата и младите како застапници за нивните права.

Во претходните години УНИЦЕФ во Македонија успешно организираше манифестации на високо ниво во кои децата преземаа водство на седници во соработка со Владата, клучни министерства, како и Кабинетот на претседателот на Северна Македонија.

Оваа година, надоврзувајќи се на возбудата низ целиот свет околу Светското фудбалско првенство, Светскиот ден на детето го насочува вниманието на заедниците кон играта, спортот и детските права.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови