Connect with us

Ново објаснување за контроверзниот гол на Англија: Дали технологијата потфрлила?

Контроверзијата што го одбележа четвртфиналниот натпревар меѓу Англија и Норвешка на Светското првенство сè уште не стивнува. Додека ФИФА останува на ставот дека топката не го допрела кабелот од „спајдер“ камерата, се појави ново објаснување кое се обидува да разјасни зошто технологијата не го регистрирала она што, според многумина, јасно можеше да се забележи.

Спорниот момент се случи во самиот финиш на првото полувреме. По исфрлената топка од голманот на Норвешка, се чинеше дека таа го допира кабелот на камерата поставена над теренот, го менува правецот и им овозможува на Англичаните да започнат напад од кој Џуд Белингам го постигна израмнувачкиот гол.

Подоцна Белингам уште еднаш ја затресе мрежата во продолженијата, носејќи ѝ победа од 2-1 на Англија и пласман во полуфиналето.

Најголеми реакции предизвика соопштението на ФИФА дека сензорот во топката не регистрирал никаков контакт со кабелот.

Тоа веднаш ги потсети хрватските навивачи на натпреварот против Португалија, кога истиот систем регистрираше минимален допир на топката со косата на Игор Матановиќ, поради што беше поништен голот за 2-2 во самиот финиш.

Токму затоа многумина се запрашаа како е можно технологијата да детектира речиси незабележлив контакт со влакно од коса, а да не евидентира удар во челичен кабел.

Според шпанска „Марка“, одговорот можеби лежи во начинот на кој функционира целиот систем.

Весникот објаснува дека сензорот во топката работи целосно автономно и регистрира удари, вибрации и ротација дури 500 пати во секунда. Секој контакт со нога, глава или друг предмет создава специфичен сигнал што сензорот веднаш го бележи.

Но, тоа е само првиот чекор. По регистрирањето на контактот, податоците преку радио-сигнал се испраќаат до мрежа од антени поставени околу стадионот, а потоа стигнуваат до ВАР-системот.

Токму во оваа фаза, според „Марка“, можело да дојде до проблем.

Камерата што се движи над теренот, нејзините кабли, металните водилки, макарите и моторите претставуваат големи метални конструкции кои можат да создадат пречки во ултраширокопојасниот радио-систем преку кој топката комуницира со антените.

Шпанскиот медиум наведува дека ваквите конструкции можат да создадат таканаречена „зона на сенка“, односно простор во кој преносот на сигналот е ослабен или целосно прекинат.

Поради тоа, сè поголем број експерти ја поддржуваат теоријата дека сензорот можеби навистина го регистрирал ударот во кабелот, но информацијата никогаш не стигнала до ВАР-системот.

„Топката можеби го регистрирала контактот со кабелот, но пакетот со податоци што ја содржел таа информација можел да биде изгубен при преносот поради слаб сигнал или пречки создадени од конструкцијата на камерата“, пишува „Марка“.

Постои и можност топката во тој момент да се наоѓала надвор од оптималната зона на покриеност на системот, што дополнително би објаснило зошто контактот не бил евидентиран.

Засега ниту една од овие теории не е официјално потврдена. ФИФА останува на својот претходен став дека сензорот не регистрирал допир на топката со кабелот, додека дебатата околу една од најконтроверзните ситуации на Светското првенство продолжува.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови