Connect with us

Нова голема афера: Инфантино ја збогатил и љубовницата со пари од УЕФА

Нова приказна поврзана со Џани Инфантино предизвика големо внимание во јавноста. Британскиот „Телеграф“ објави истрага во која се тврди дека жена со која претседателот на ФИФА наводно бил во љубовна врска додека бил генерален секретар на УЕФА, добила значителна финансиска компензација при заминувањето од организацијата.

Според информациите на британскиот весник, станува збор за најмалку шестцифрен износ. Покрај отпремнината, УЕФА наводно ги покрила и трошоците за нејзините мастер-студии на деловна школа, кои чинеле околу 45.000 фунти.

Жената, чие име „Телеграф“ не го објави, во УЕФА првично работела на административна позиција. Во текот на периодот во кој наводно била во врска со Инфантино, таа била унапредена на менаџерска позиција, а според тврдењата на весникот добила и зголемување на платата од 30 проценти.

Наводно, нејзината месечна плата достигнала 147.000 фунти.

Токму овие околности предизвикале сомнежи кај дел од нејзините колеги, особено поради истовременото унапредување и зголемувањето на платата.

Од УЕФА не ги потврдија наводите за љубовната врска, но признаа дека на жената ѝ била исплатена отпремнина и дека организацијата го финансирала нејзиното постдипломско образование.

„Телеграф“ наведува дека сето тоа било направено во согласност со тогашните правила на УЕФА. Од европската фудбалска организација посочиле дека правилата во 2016 година биле променети и заострени.

Инфантино во УЕФА работел од 2000 до 2016 година, кога беше избран за претседател на ФИФА.

Еден од најсериозните делови од приказната се однесува на тогашниот претседател на УЕФА, Мишел Платини.

Според сведочења до кои дошол „Телеграф“, Платини бил информиран за наводната врска и директно разговарал со Инфантино.

Еден од изворите за британскиот весник изјавил дека Инфантино направил „голема грешка која за малку ќе го чинела кариера“.

Друг сведок тврди дека Платини му поставил на Инфантино едноставно прашање: „Ти или таа?“

Според истиот извор, било одлучено жената да ја напушти УЕФА, а при нејзиното заминување ѝ била исплатена значителна компензација.

„Телеграф“ исто така тврди дека Инфантино подоцна, користејќи ги своите контакти, ѝ помогнал да пронајде нова добро платена работа во истата област.

ФИФА ги отфрли сите обвинувања и порача дека станува збор за невистинити и злонамерни инсинуации.

Од организацијата нагласија дека никогаш немало официјална жалба од вработен во УЕФА или ФИФА за однесувањето на Инфантино и дека сите одлуки поврзани со вработените, вклучително и исплатите при заминување, биле спроведени според правилата.

„Телеграф“ побарал коментар и од Мишел Платини, но поранешниот претседател на УЕФА не одговорил на прашањата на весникот.

Така, приказната засега останува на ниво на наводи и сведоштва, додека УЕФА потврди само дека спорната исплата и финансирањето на студиите навистина биле реализирани.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови