Connect with us

Нова драма во Фенербахче: Картал го исклучи телефонот и не се појави на тренинг

Драмата во Фенербахче добива ново продолжение. Иако претседателот Азиз Јилдирим јавно порача дека не ја прифаќа оставката на Исмаил Картал и дека искусниот стратег останува на клупата, тренерот денеска не се појавил на тренингот и целосно ги прекинал контактите со раководството.

Според информациите од Турција, Картал ги исклучил мобилните телефони и во моментов е недостапен за челниците на клубот. Бидејќи не се појавил во тренинг-центарот, денешниот тренинг на Фенербахче морале да го водат Дирк Кајт и Зеки Ѓоле.

Картал ја објави својата оставка веднаш по натпреварот против Рома во Лигата на шампионите, кој заврши 1-1. Според турските медиуми, одлуката дошла по тензичната атмосфера околу тимот, но и по инцидентот на трибините, кога навивач го погодил тренерот со шише во главата.

Дополнителен притисок врз Картал создава и резултатскиот старт на Фенербахче во турското првенство, кој не ги исполни очекувањата.

По мечот со Рома, Картал јасно порача дека сака да си замине и дури нагласи дека нема намера повторно да се врати на клупата на клубот.

Сепак, претседателот Јилдирим не се согласи со неговата одлука.

„Картал е под голем стрес, но тој останува тренер на Фенербахче“, порача првиот човек на клубот, кој инсистираше стратегот да продолжи со работата.

Однесувањето на Картал денеска, сепак, покажува дека тој очигледно не отстапува од својата одлука. Недоаѓањето на тренинг и целосното прекинување на комуникацијата со управата се јасен сигнал дека ситуацијата е далеку од решена.

Челниците на Фенербахче во текот на денот ќе се обидат да стапат во контакт со тренерот и да организираат итен состанок. Целта е конечно да се расчисти ситуацијата и да се донесе одлука за тоа кој ќе го води тимот во продолжението од сезоната.

Во моментов, Фенербахче се наоѓа во вистински тренерски хаос – претседателот вели дека Картал останува, додека самиот тренер со своите постапки покажува дека сака да си замине.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови