Connect with us

Нов скандал во кој е вовлечен Инфантино: ФИФА го платила неговиот данок во САД, во износ од 4 милиони долари

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, повторно се најде во центарот на сериозен скандал, откако истражувања на американскиот „Њујорк тајмс“ и францускиот „Ле Монд“ открија наводни финансиски привилегии на првиот човек на светскиот фудбал.

Според објавените информации, ФИФА ги презела даночните обврски на Инфантино во САД за 2024, 2025 и 2026 година, во вкупна вредност од околу четири милиони долари.

Механизмот за даночно израмнување бил создаден за вработените во ФИФА кои се преселуваат во САД поради работните обврски поврзани со Светското првенство. Сепак, според истражувањата, оваа поволност била наменета исклучиво за редовниот персонал, а не и за избраните функционери, меѓу кои е и претседателот на организацијата.

Дополнително, се тврди дека посебниот третман за Инфантино бил одобрен од мала комисија задолжена за утврдување на платите на највисоките функционери во 2024 година. Одлуката, според медиумите, не била внесена во официјалната документација на ФИФА, што отвора прашања за транспарентноста на постапката.

Во истрагата се споменува и Бруно Киоменто, швајцарски адвокат и претседател на независниот Комитет за управување, ревизија и усогласеност на ФИФА. Киоменто, кој со Инфантино е пријател околу две децении, учествувал во разгледувањето на прашањето за даночните привилегии.

И самиот тој добивал посебни поволности. Наводно, бил единствениот претседател на комисија со ВИП-акредитација за Светското првенство, која му овозможувала самостојно да избира кои натпревари ќе ги следи. Неговата годишна плата изнесува 250.000 швајцарски франци и се исплаќа во швајцарска валута, за разлика од другите претседатели на комисии, кои добиваат плата во американски долари.

Новите откритија доаѓаат во чувствителен период за Инфантино, кој веќе се соочи со критики поради неуспешниот проект за продажба на правата за Светското првенство на приватни инвеститори. Идејата наиде на силен отпор, а дел од европските фудбалски федерации дури се заканија и со бојкот.

Во меѓувреме, на 18 март во Ванкувер треба да се одржат претседателските избори во ФИФА. Инфантино засега е единствениот најавен кандидат за четврти мандат на чело на светската фудбалска организација.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови