Фудбалерите на Манчестер Јунајтед не успеаја да врзат петта последовна победа, а Вест Хем вечерва како домаќин на крајот освои „само“ бод, со конечните 1-1.
Херој на Вест Хем беше Томаш Соучек, кој по асистенција на Џерод Боуен го постигна водечкиот погодок во 50. минута. Сепак, во последните моменти од натпреварот Шешко го постави конечниот резултат 1-1.
Како што е веќе познато и невозможно да не се спомене, навивачот на Јунајтед кој чека веќе година и пол на шишање ќе мора уште да почека. Неговиот омилен тим не успеа да ја оствари петтата победа во низа, па акцијата продолжува.
Вест Хем даде одличен отпор, одигра тактички зрело и на крајот заслужено освои бод.
Домаќините беа подобар противник во првите 45 минути, во кои имаа иницијатива и подобри шанси пред голот на Ламeнс. Најдобрата можност ја имаше повторно расположениот Самервил, кој шутираше од околу 20 метри, но се истакна голманот на Јунајтед.
Гостите не покажаа многу во првото полувреме. Бруно Фернандеш се најде во една опасна ситуација, се обиде да го лобува голманот, но топката заврши над голот.
Второто полувреме беше уште поинтересно, особено поради водството на домашната екипа. Главен виновник беше Лук Шо, во 50. минута Вест Хем тргна во контра, левиот бек на Јунајтед реагираше несигурно, топката стигна до Боувен кој продре токму по неговата страна и центрираше низ петерецот, а таму Соучек само ја насочи во мрежата за 1-0.
Јунајтед немаше друг избор освен да нападне, но офанзивата беше прилично јалова. Во 63. минута Каземиро погоди по одличен центаршут на Мајну, но по сигнал од ВАР-собата погодокот беше поништен.
Мајкл Керик веднаш реагираше со измени – Јоро и Шешко ги заменија Мегвајер и Куња. Јунајтед ја засили офанзивата, а Вест Хем дефанзивата, па следеше жестока борба на средината од теренот.
Мбеумо имаше солидна шанса со глава 15 минути пред крајот, но шутираше покрај стативата.
Нуно Еспирито Санто дополнително ја засили одбраната со измени – излезе Диуф, кој водеше голема битка со Дијало, а во игра влезе Магаса. Последниот адут на Керик беше Џошуа Зиркзе, кој доби шанса во последните десетина минути наместо Дијало.
Мбеумо се пресели на десната страна, Дијало напаѓаше по левата, двајцата класични напаѓачи беа Шешко и Зиркзе, а Бруно играше веднаш зад нив. Сепак, бедемот на Вест Хем не попушташе пред неубедливите налети на Јунајтед.
Во 88. минута Мбеумо повторно беше во фокусот, упати убав удар кон далечниот агол, но беше изблокиран.
Во четвртата минута од надополнувањето, Зиркзе беше најблиску до гол. По центаршут од десната страна, Холанѓанецот ја зафати топката со глава од петерецот, но таа помина само неколку сантиметри покрај стативата.
И тогаш, во шестата минута од надополнувањето – погоди Бењамин Шешко. Мбеумо повторно одлично одигра на десната страна, центрираше во шеснаесетникот, а Словенецот маестрално реагираше, само ја постави ногата и ја испрати топката во горниот десен агол за 1-1.
Сепак, немаше повеќе време. Јунајтед освои само бод и ја пропушти шансата да му избега на Челси, додека Вест Хем стигна до 24 бода, но и понатаму остана во зоната за испаѓање.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија го доби дербито со Вардар и се врати комплетно во трката за шампионската...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Лиридон Љатифи (Шкендија)
Шкендија дојде во Скопје и стави крај на неподеливоста на Вардар. Целиот тим на...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Манчестер Јунајтед сака да го купи Елиф Елмас!
Интернационалци
Елиф Елмас доби место во тимот на колото во Серија А













