По Ливерпул и Лидс, првиот ден од 2026 година без голови во натпреварите од 19. коло на Премиер лигата завршија и Сандерленд и Манчестер Сити, како и Брентфорд и Тотенхем.
Најмногу на овие резултати се израдуваа во Арсенал, кој сега на врвот на табелата има четири бода повеќе од Манчестер Сити.
Само што започна натпреварот меѓу Сандерленд и Манчестер Сити, во третата минута од играта, Аке се пожали на повреда во пределот на коленото. Јошко Гвардиол веќе беше подготвен да влезе во игра, но по укажаната помош Аке сигнализираше дека може да го продолжи натпреварот.
Веќе во шестата минута мрежата на домашните се затресе по корнерот за Сити од левата страна, кога Халанд со глава ја закачи топката, која во петерецот стигна до Бернардо Силва, а тој ја испрати во мрежата. Сепак, беше сигнализиран офсајд, што набрзо беше потврдено и од ВАР собата.
Потоа следеше помирен период од играта, во кој и домашните во неколку наврати се заканија, главно преку Мајенда. Во 37. минута Ерлинг Халанд ја пропушти стопроцентна шанса да ги доведе „граѓаните“ во водство. По брза и течна акција на гостите, топката од десната страна беше упатена кон Халанд, кој од околу осум метри шутираше, но голманот Руфс одлично реагираше и со нога го запре ударот.
Пред самиот крај на првото полувреме следеше уште еден опасен напад на Сандерленд. Хјум се најде во добра позиција, но лошо шутираше искоса од десната страна, па на пауза се замина без голови.
Но, по нешто помалку од девет минути игра во второто полувреме, Сандерленд ја имаше најдобрата шанса од почетокот на мечот. Ле Фе од десната страна идеално го проигра Мајенда, кој шутираше по земја од десетина метри, но Донарума фантастично реагираше.
Од тој момент Манчестер Сити го засили притисокот и сè посериозно го стегаше обрачот околу казнениот простор на Сандерленд. Во 70. минута Доку направи вистинска мешаница пред противничкиот гол, кога проби по левата страна и шутираше од десетина метри, но наместо мрежата ја погоди главата на еден од домашните фудбалери.
Четири минути подоцна следеше феноменална реакција на Јошко Гвардиол, кој по центаршут од десната страна со пета ја зафати топката од 14–15 метри од голот и ја погоди стативата.
Сити продолжи да напаѓа, а на самиот влез во финишот од натпреварот повторно Гвардиол се најде во улога на напаѓач. Тој шутираше од околу шест метри, но неговиот обид беше блокиран пред голот на домашните.
Во судиското продолжение и Рејндерс шутираше откосо од левата страна, но ударот беше преслаб и топката заврши во рацете на голманот Руфс.
Без голови заврши и дуелот меѓу Брентфорд и Тотенхем.
Мрежата на Тотенхем се затресе уште во шестата минута, кога Кевин Шаде го совлада голманот Викарио, но беше досуден офсајд и голот не беше признат.
Остатокот од натпреварот донесе главно рамноправна борба. Домашните имаа нешто подолг посед на топката, но без многу зрели шанси за погодок.
Гостите ја презедоа иницијативата во финишот, а во судиското продолжение Ришарлисон ја пропушти шансата да му донесе победа на Тотенхем.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ЕСЕНТА
Вардар заврши на врвот, ја мина есента без ниеден пораз и има пол-позиција пред...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА ЕСЕНТА: РОЏЕРС МАТО (ВАРДАР)
Вардар е лидер на табелата по првиот дел од сезоната, а „машината“ на Гоце...
Автор makfudbal













