Connect with us

Младиот македонски стратег Адем Адем ќе работи во академијата на Галатасарај

Младиот македонски стратег Адем Адем доби неверојатна можност, да работи во младинската академија на турскиот гигант Галатасарај. Тој во минатото беше дел од стручниот штаб на Работнички и на Охрид, а сега добива голем интернационален предизвик.


Адем Адем ќе биде еден од асистентите на Алпарслан Ердем, турскиот стратег кој во Македонија работеше во Шкупи и во Работнички, а сега е именуван за главен тренер на младинскиот тим на Галатасарај до 19 години кој ќе настапува и во младинската Лига на шампиони.

„Со голема чест и гордост официјално потпишав договор како помошник тренер на У19 тимот на Галатасарај. Благодарен сум на клубот за укажаната доверба и можноста да бидам дел од една од најголемите спортски институции во Европа. За мене ова претставува огромен чекор во кариерата, но и голема одговорност, која ја прифаќам со максимална посветеност и професионалност.

Во претстојната сезона ќе се натпреваруваме во У19 Суперлигата на Турција и во У19 Лигата на шампионите – две исклучително квалитетни натпреварувања кои претставуваат голем предизвик и можност за развој и докажување на највисоко младинско ниво.

Веќе ги започнавме подготовките и првите тренинзи, а моите први импресии се навистина одлични. Во клубот владее високо ниво на професионалност, посветеност и победнички менталитет, што ми дава дополнителна мотивација за работата што нè очекува.

Сакам да изразам искрена благодарност и до моите претходни клубови, тренери и соработници, кои ми дадоа можност да се развивам како тренер и да го изградам патот што ме доведе до оваа можност. Без нивната доверба, поддршка и заедничка работа, ова немаше да биде возможно.

Со нетрпение очекувам да придонесам во развојот на младите фудбалери и заедно со стручниот штаб да ги оствариме амбициите и целите на Галатасарај. Благодарам на моето семејство, пријателите и на сите што веруваа во мене и ме поддржуваа низ годините. Ова е почеток на едно ново и многу мотивирачко поглавје“, вели Адем Адем за Макфудбал.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови