Connect with us

„Милионерите“ со триумф над Ајнтрахт се збогуваа со фановите во Дортмунд (ВИДЕО)

Фудбалерите на Борусија Дортмунд го обезбедија второто место во Бундес-лигата, откако во воведниот натпревар од претпоследното 33. коло на домашен терен славеа против Ајнтрахт Франкфурт со 3-2, продолжувајќи ја лошата серија на гостите на „Сигнал Идуна Парк“.

Иако традиционално имаат проблеми во Дортмунд, гостите од Франкфурт поведоа уште во втората минута преку Јилмаз Џан Узун. Турскиот фудбалер прецизно биеше во подалечниот агол од голот на Грегор Кобел, а големи заслуги за акцијата имаше и Махмуд Дахмуд, кој создаде вистински хаос во одбраната на „милионерите“.

Борусија возврати во 15. минута кога Марсел Забицер се обиде со лукав удар кон подалечниот агол, но неговиот шут немаше доволно сила и прецизност. Само две минути подоцна, Инасио шутираше со глава право во голманот на Ајнтрахт, а во 25. минута се закани и Џоб Белингем, но чуварот на мрежата повторно беше сигурен.

Во 28. минута, Серху Гираси мораше подобро да реагира по центаршут од левата страна, но шутираше над голот. Сепак, беше јасно дека тимот на Нико Ковач ја контролира играта и дека израмнувањето „виси во воздух“.

До крајот на првото полувреме, Борусија успеа целосно да го сврти резултатот. Најпрво, во 42. минута, Гираси беше многу попрецизен и погоди по одличниот центаршут на Јулијан Риерсон. Целосниот пресврт следуваше во првата минута од судиското продолжение, кога Нико Шлотербек рутински реализираше по додавањето на Максимилијан Бајер, во акција во која учествуваше и Белингем.

Во продолжението, првата поголема возбуда се случи по десетина минути игра, кога Фарес Шаиби постигна гол, но погодокот беше поништен поради офсајд. Пет минути подоцна повторно се закани Ријерсон, но голманот на Ајнтрахт беше одлично поставен.

Казната за пропуштените шанси можеше да стигне веднаш потоа, но Кобел го запре обидот на Узун, по што следуваа неколку добри шанси за домаќините. Јулијан Брант опасно шутираше по корнер во 68. минута, а веднаш потоа и Гираси се најде во добра позиција, но не реагираше најдобро.

Сепак, Борусија дојде и до трет гол во 72. минута, кога младиот Инасио постигна атрактивен погодок по уште еден одличен центаршут на Риерсон од левата страна.

По тој момент стана јасно дека бодовите ќе останат во Дортмунд, иако гостите успеаја да внесат неизвесност во финишот. Во 87. минута, Јонатан Буркарт намали на 3-2, откако се најде на вистинското место во вистинско време. Само минута подоцна, Бахоја имаше шанса да донесе израмнување за Ајнтрахт, но топката мина покрај голот.

Со оваа победа, Борусија на едно коло пред крајот го зацврсти второто место на табелата, додека Ајнтрахт остана осми со бод повеќе од Фрајбург, кој има можност дополнително да се приближи со евентуален триумф во Хамбург.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови