Connect with us

Милан и „Адидас“ во нова приказна вредна 500 милиони евра

Милан подготвува голем комерцијален потег кој би можел да донесе сериозен финансиски бенефит, но и да ги израдува навивачите. По десетгодишната соработка со „Пума“, италијанскиот гигант од летото 2028 година повторно ќе ги носи дресовите со логото на „Адидас“.

Според информациите на италијанските медиуми, двете страни ќе потпишат десетгодишен договор вреден околу 500 милиони евра. Тоа значи дека „росонерите“ ќе инкасираат по 50 милиони евра годишно од техничкиот спонзор.

Доколку се реализираат најавените услови, Милан ќе ги надмине своите најголеми ривали во Италија. Јувентус има десетгодишен договор со „Адидас“ вреден околу 408 милиони евра, додека Интер од соработката со „Најк“ заработува приближно 30 милиони евра по сезона.

Новото партнерство значително би ги подобрило финансиските можности на Милан. Соработката со „Пума“ започна во 2018 година, кога првичниот договор беше вреден околу 14 милиони евра годишно. При обновувањето во 2022 година, сумата се зголеми на приближно 30 милиони евра по сезона.

Враќањето на „Адидас“ има и посебна симболика за навивачите на Милан. Германскиот производител беше технички партнер на клубот во еден од најуспешните периоди во неговата историја. Соработката траеше од 1998 до 2018 година, а во тој период „росонерите“ освоија две титули во Лигата на шампионите – во 2003 и 2007 година, со Карло Анчелоти на тренерската клупа.

Претходно, „Адидас“ беше дел и од некои од славните генерации на Милан во седумдесеттите и деведесеттите години, кога тимот го предводеа легендарните Ариго Саки и Фабио Капело.

По десет години разделба, Милан и „Адидас“ повторно ќе ги здружат силите, а најавениот договор би можел да биде еден од најголемите комерцијални потези во поновата историја на италијанскиот фудбал.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови