Connect with us

Мика Нутинен: Вардар е силен кога игра дома, има добри напаѓачи, но ние сакаме активен резултат пред реваншот

Шефот на стручниот штаб на КуПС, Мика Нутинен, со респект, но и со голема доза самодоверба го најави првиот дуел против Вардар во квалификациите за Лигата на шампионите. Финскиот стратег порача дека неговата екипа пристигнува во Скопје подготвена да се надигрува и да направи добар резултат пред реваншот.

„Атмосферата во тимот е одлична и со нетрпение го очекуваме почетокот на натпреварот. Сите знаеме колку е важно ова европско соочување и сметам дека сме целосно подготвени. Во натпреварувачки ритам сме, но не верувам дека тоа ќе биде одлучувачка предност, како што не очекувам ниту временските услови да имаат големо влијание врз играта“, изјави Нутинен.

Тој откри дека КуПС внимателно го анализирал македонскиот шампион и дека очекува тежок натпревар.

„Имаме доволно информации за Вардар. Анализиравме повеќе нивни натпревари и знаеме дека станува збор за квалитетен тим кој сака да игра офанзивно, има опасни индивидуалци и многу добри бекови. Го почитуваме противникот и знаеме дека нè очекува сериозен тест“, истакна тренерот на финскиот првак.

И покрај тоа, Нутинен верува дека КуПС има сè што е потребно за да избори место во следната рунда.

„Веруваме во нашиот квалитет и ако одиграме на нивото што го посакуваме, имаме добри шанси да го минеме Вардар. Целта ни е да оствариме позитивен резултат во Скопје, а потоа на домашен терен да го комплетираме пласманот понатаму“, порача 34-годишниот стратег.

Натпреварот меѓу Вардар и КуПС ќе се одигра утре од 19:00 часот на Националната арена „Тодор Проески“.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови