Connect with us

Меси урна уште еден мундијалски рекорд

Лионел Меси продолжува да испишува историја на Светските првенства. Капитенот на Аргентина во полуфиналниот натпревар против Англија стана највозрасниот играч во поле кој настапил во оваа фаза од Мундијалот, со 39 години и 21 ден.

Со тоа аргентинската суперѕвезда постави уште еден рекорд на турнирот, на кој повторно докажува дека годините не се пречка за врвните настапи.

Историскиот подвиг Меси го оствари во полуфиналето против Англија во Атланта, по кое Аргентина обезбеди место во финалето, каде ќе се соочи со Шпанија.

Покрај новиот рекорд, Меси продолжува да блеска и со своите бројки. До полуфиналето постигна осум голови и запиша две асистенции, со што останува еден од главните кандидати за „Златната копачка“.

Неговиот импресивен поход започна со хет-трик против Алжир, во неговиот 200. настап за аргентинската репрезентација. Со 38 години и 357 дена тогаш стана највозрасниот фудбалер кој постигнал хет-трик на Светско првенство.

Потоа двапати ја погоди мрежата на Австрија, беше стрелец против Јордан, а голови постигна и во нокаут-фазата против Зеленортските Острови и Египет.

Токму со головите против Австрија го надмина Мирослав Клосе и стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства. Пред полуфиналето против Англија на своето конто имаше 21 погодок на Мундијалите, а воедно е и рекордер според бројот на одиграни натпревари на светските шампионати.

Низата од девет последователни натпревари со постигнат гол на Светските првенства му беше прекината во четвртфиналето против Швајцарија, но и тогаш остави силен печат.

По корнерот асистираше за погодокот на Алексис Мекалистер и стигна до својата десетта асистенција на Мундијалите. Откако асистенциите официјално се евидентираат од 1966 година, ниту еден фудбалер нема повеќе од аргентинскиот капитен.

Дополнително, Меси е играчот со најмногу директни учества во голови во нокаут-фазата на Светските првенства во последните шест децении. Во последните осум елиминациски натпревари пред полуфиналето учествувал во дури 13 погодоци – седум постигнал, а шест им наместил на своите соиграчи.

Аргентина ја брани титулата освоена во Катар во 2022 година, а и четири години подоцна токму Меси е лидерот на „гаучосите“. На прагот од својата 40. година тој ја предводи репрезентацијата кон можност за втора последователна светска титула, притоа продолжувајќи да руши рекорди кои до неодамна изгледаа недостижни.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови