Connect with us

Меси со гол и асистенција донесе триумф за Интер Мајами (ВИДЕО)

Интер Мајами славеше со 1-2 на гостувањето кај Њу Ингланд Револушн во натпревар од регуларниот дел на сезоната во МЛС-лигата. Со овој триумф, „чапјите“ се вратија на победничките патеки по ремито 2-2 против Синсинати во претходното коло.

Едно коло пред крајот на регуларниот дел од сезоната, Интер Мајами се искачи на второто место во Источната конференција, токму пред денешниот ривал. Победата му донесе и пласман во Лигата на шампионите на КОНКАКАФ за 2027 година.

Лионел Меси беше единствениот член на славната генерација на Барселона од претходната деценија кој се најде во почетниот состав. Неговиот поранешен соиграч Луис Суарез го започна натпреварот од клупата за резерви, но доби шанса во второто полувреме. За разлика од него, летните засилувања Родриго Де Пол и Каземиро беа стартери.

Гостите мораа да направат пресврт за да стигнат до трите бода, откако Даниел Газдаг во 53. минута му донесе водство на Њу Ингланд Револушн.

Меси во 69. минута се најде во улога на асистент, подготвувајќи му ја шансата на Херман Бертераме за израмнување на 1-1.

Аргентинската ѕвезда потоа го презеде главниот збор и во 83. минута ја затресе противничката мрежа за целосен пресврт и победа на Интер Мајами.

Драмата не изостана ниту во финишот. Две минути пред истекот на регуларните 90 минути, Ијан Фреј си постигна автогол, по што се чинеше дека домаќините ќе се спасат од пораз. Сепак, по прегледувањето на снимката со помош на ВАР-технологијата, беше утврдено дека во акцијата имало офсајд, па погодокот беше поништен, а трите бода заминаа на контото на Интер Мајами.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови