Connect with us

Мбапе: Во фудбалот нема ‘стара слава’, ако не победуваш – ќе те исвиркуваат

Напаѓачот на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, отворено зборуваше за своите амбиции, за краткото паметење во фудбалот и за моментот кога еден играч треба да препознае дека е време да се повлече од активното играње.

Француската ѕвезда беше прашана што уште сака да постигне во кариерата, иако веќе зад себе има бројни индивидуални и тимски признанија.

„Наједноставниот одговор е да ги освојам сите трофеи, но има играчи кои постигнале и повеќе од тоа. Во фудбалот секогаш постои нешто кон што можеш да се стремиш.“

Мбапе истакна и дека славата во фудбалот е многу минлива и дека успесите брзо се забораваат доколку не бидат проследени со нови победи.

„Не знам како е во другите области, но во фудбалот луѓето имаат амнезија. Можеш да освоиш сè, а веќе следниот ден тоа да биде заборавено. Особено ако тие победи се случиле пред неколку години. Ако не продолжиш да победуваш, некој друг ќе го заземе твоето место. Така е и така ќе биде, бидејќи тоа е циклусот на животот и спортот“, изјави Французинот.

На прашањето дали се плаши дека еден ден може да биде заборавен, Мбапе направи интересна споредба со крајот на кариерата на професионалните фудбалери.

„Во фудбалот тоа го нарекуваме ‘малата смрт’. Кога ќе ја доживееш славата, а потоа преминуваш во следната фаза од животот… животот, секако, продолжува. Во нашата професија можеш да ја завршиш кариерата многу млад, но животот оди понатаму. Сепак, не мислам дека рутината ќе ми недостига. Летовите, тренинзите – тоа сигурно нема да ми недостига. Но натпреварувањето и борбата за победа, тие многу ќе ми недостигаат.“

Мбапе зборуваше и за тоа кога би можел да донесе одлука да стави крај на кариерата, нагласувајќи дека тоа нема да зависи само од физичката подготвеност.

„Телото, а особено главата, ќе ја донесат таа одлука. За еден играч е многу важно да се повлече во вистински момент. Тоа го забележувам кај новата генерација. Имам помал брат и кога гледам фудбал со него, тоа особено ми паѓа во очи. Фудбалерите што јас ги гледав како дете, за него веќе биле во залезот на своите кариери. За него тие се играчи кои веќе биле ‘потрошени’, бидејќи не се повлекле навреме.“

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови