Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 16. коло во Втората лига!

Од 16. коло во второлигашката конкуренција дефинитивно се издвојува убедливата победа на Кит Го од Пехчево од 6-1 против Партизан Обршани. Со тоа пехчевци јасно потврдија дека оној кикс од стартот на пролетта против Саса Каменица е зад нив. Борец Велес продолжува со убедливите изданија со нова победа од 0-3 сега на гостински терен против Вардар Неготино, а убедлив триумф на Истокот запиша и Тиквеш. Во западната конкуренција без промени на врвот откако Струга ТЛ ремизираше без голови. Четири натпревари завршија со реми, а единствено победи Гоблен јуниор со 1-3 на гостински терен против Скопје.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 16. коло од двете второлигашки конкуренции…

1. ФИЛИП ТРАЈЧЕВСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Младиот голман одличен на дуелот на Пелистер против Гостивар. Сигурен во клучните моменти, носејќи сериозна стабилност и за играта во дефанзивата.

2. ЛЕОН НАЈДОВСКИ (ТЕТЕКС)

Донесе огромна стабилност во играта на „штофарите“ во одбраната оваа пролет. Цврст, сигурен, без грешки на гостувањето против Лабуништа носејќи серизен товар во дефанзивата за да се дојде до меч без голови.

3. ГОРАН ГАНЧЕВ (ПЕЛИСТЕР)

Уште еден квалитетен дуел на Пелистер пролетва и уште една сигурна игра на битолската дефанзива. Ганчев е столбот на одбраната на „пелистерци“. Сето тоа повторно го докажа на гостувањето против Гостивар, во натпреварот кој заврши без погодоци.

4. БЛЕРТОН ШЕЈИ (СТРУГА ТЛ)

Еден од најактивните во играта на Струга ТЛ на гостувањето против Кораби. Одличен во дефанзивата, и секогаш активен и во офанзивните акции на стружани.

5. ЃОРЃИ ЃОРЃИЕВ (БОРЕЦ)

Беспрекорен во играта во средниот ред во составот на велешани. Постојано вклучен и во одбранбените задачи, а квалитетното издание го круниса и со гол во победата од 0-3 на гостувањето против Вардар Неготино.

6. АНДРЕЈ ЛАЗАРОВ (ТИКВЕШ)

Младиот фудбалер на кавадарчани повторно еден од најзабележителните во тимот на Тиквеш, партиципирајќи и со погодок во триумфот од 3-0.

7. МЕРГИМ ЉУТФИУ (ГОБЛЕН Ј.)

Екипата на Гоблен јуниор е единствената која запиша триумф во Втората лига – Запад. А, во победата од 1-3 на гостувањето против Скопје, Љутфиу учествуваше со два погодоци.

8. ИВАН НАСТЕВСКИ (КИТ ГО)

Еден од најзабележителните во средниот ред на Кит Го, креатор на бројни акции на пехчевци. Со прекрасен погодок со шут од околу 20 метри ја најави убедливата победа на Кит Го.

9. ИВЕ ТРИФУНОВСКИ (БРЕГАЛНИЦА)

Одлична партија на офанзивецот на штипјани. Реализаторски расположен со два погодоци во победата од 4-2 против Детонит јуниор.

10. АНТОНИО БУЈЧЕВСКИ (КИТ ГО)

Гол-партија за паметење на Бујчевски. Четири погодоци во победата од 6-1 на Кит Го против Партизан Обршани.

11. ЦВЕТАН ЧУРЛИНОВ (КОЖУФ)

Со гол во 92. минута донесе значајна победа за Кожуф од 0-1 на гостувањето против Плачковица.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ТРАЈЧЕ СЕНЕВ (КИТ ГО)

Без разлика на противникот од спротивната страна јасно е дека секогаш е повеќе од тешко да се триумфира со шест постигнати погодоци во генерално израмнетата второлигашка конкуренција. Но, тоа им успеа на фудбалерите на Кит Го. Сенев успеа, по непосакуваниот кикс на стартот од пролетта, на вистински начин да го мотивира составот потврдувајќи против Партизан Обршани дека Кит Го пролетва ќе игра значајна улога во второлигашкото натпреварување.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови