Connect with us

Луис Енрике: „Задоволен сум од амбицијата, но вистинската битка во ЛШ започнува во февруари“

Луис Енрике имаше многу причини за задоволство по убедливата победа на Пари Сен Жермен над Вилјареал, но ниту шесте постигнати гола не беа доволни за целосно да го засенат неговото незадоволство од една необична судиска одлука. Шпанскиот стратег по натпреварот го пофали пристапот на своите фудбалери, но упати и остри критики за ситуацијата што се случи во 74. минута.

„Игравме на ист начин и со иста амбиција, без оглед на тоа како се развиваше натпреварот и што покажуваше резултатот. Кога го задржуваш својот стил без разлика на околностите, тоа секогаш е добар знак. Му покажавме почит на противникот, но истовремено го задржавме високиот интензитет во текот на сите 90 минути. За секој тим е исклучително тешко да се врати по три примени гола во период од само пет минути“, изјави Енрике.

И покрај убедливото издание на неговиот тим, тренерот на парижани останува внимателен и смета дека сè уште е рано да се зборува за конечниот исход во Лигата на шампионите.

„Ова засега не ни гарантира ништо. Само една екипа ќе биде шампион и ќе ја подигне титулата во Мадрид. Во претходните две сезони не завршивме меѓу најдобрите осум во лигашкиот дел, но потоа стигнавме до трофејот. Задоволен сум од амбицијата што ја покажуваме, но вистинскиот турнир започнува во февруари, со нокаут-фазата“, истакна шпанскиот стратег.

Сепак, најжестоката реакција на Енрике беше предизвикана од случувањата во 74. минута. При тројна измена на ПСЖ, судијата процени дека фудбалерите кои го напуштаат теренот го одолговлекуваат натпреварот, па одлучи парижани да продолжат со тројца играчи помалку во траење од една минута.

Енрике лично мораше да интервенира и да турне еден од резервните фудбалери на теренот. Играчот доби жолт картон, но сепак му беше дозволено да продолжи со настапот.

„Она што се случи при тројната измена беше вистинска пародија. Ако резултатот беше 0-0 и ве остават со тројца играчи помалку, а потоа јас го турнам едниот, му покажат жолт картон и му дозволат да продолжи, тогаш ќе ги турнев и другите двајца. Што е ова, детска игра? Мора да има почит и кон фудбалерите, исто како што ние ја почитуваме судиската бригада“, револтирано коментираше Енрике.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови