Луис Енрике пред вечерашниот дуел со Астон Вила во Суперкупот на Европа се соочува со необична ситуација. Тренерот на Пари Сен Жермен призна дека сè уште не знае во каква физичка форма се неговите фудбалери, бидејќи дел од нив неодамна се приклучија на подготовките.
ПСЖ вечерва во Салцбург ќе се бори за европскиот трофеј против Астон Вила, но францускиот тим во натпреварот влегува без идеални подготовки.
„Цело лето се одморавме. Сега сме свежи и среќни што повторно сме заедно. Играчите постепено се враќаат, а сезоната ја започнуваме со финале. Тоа покажува дека минатата година завршивме одлична работа“, изјави Енрике.
Шпанскиот стратег призна дека очекувањата се поголеми од кога било, особено по успешната мината сезона.
„Сите очекуваат повторно да триумфираме, но тоа е само теорија. Мораме на теренот да покажеме дека сме на потребното ниво. Сакаме повторно да освојуваме трофеи, но тоа не е лесно. Историјата го покажала тоа. Сакаме да ги надминеме тимовите кои успеале да освојат тројна круна“, додаде тој.
Енрике посебно внимание посвети на физичката подготвеност на играчите. Различниот период на враќање од одмор му создаде сериозен проблем во подготовката на тимот.
„Минатата сезона беше уникатна, а верувам дека и оваа ќе биде таква. Контролирањето на оптоварувањето на играчите е сложено. Вечерва ќе се обидеме да го покажеме најдоброто што го имаме, но сакаме најдобрата форма да ја достигнеме на крајот од сезоната, а не на почетокот“, истакна тренерот на ПСЖ.
Тој призна дека не му било лесно да одлучи кои фудбалери се подготвени за настап.
„Многу играчи не играа на пријателските натпревари. Тешко е да се процени кој треба да игра. Освојувањето европски трофеј е важно за секого и ќе видиме што ќе понудат двата тима.
Ситуацијата беше речиси надреална бидејќи немав речиси ниту еден играч. Французите, Шпанците и Мароканците се вратија во понеделникот, додека Бразилците и Португалците пристигнаа минатата недела.
Ја прифаќаме ситуацијата и се обидуваме да се подготвиме на најдобар можен начин. Искрено, не знам на кое ниво ќе бидат моите играчи по одморот“, призна Енрике.
Тренерот на ПСЖ се осврна и на развојот на тимот во изминатите две години.
„Ако погледнете што постигнавме во последните две години, покажавме напредок во секој натпревар. Клучот е да бидеме непредвидливи за противникот, а токму тоа се обидуваме да го постигнеме. Тоа ќе биде важно во текот на целата сезона.
Сезоната ја започнуваме со истата желба – да освојуваме трофеи“, порача шпанскиот стратег.
Енрике доби и прашање за проблемите поврзани со Џани Инфантино и ФИФА, но не сакаше да навлегува во детали.
„Имам свое мислење, но нема да зборувам за тоа овде. Ова не е местото за таква дискусија. Фокусиран сум на моите играчи и на мојата работа“, заклучи Енрике.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Се најде јунак да ја победи Шкендија. По пет кола со максимален ефект, лидерот...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Н’фанли Сила (Тиквеш)
Шкендија делуваше непобедливо во првите пет кола, но потоа дојде дуелот со Тиквеш и...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Педро Нето останува во Челси до 2032 година













