Вардар се спаси од пораз, а потоа и испушти победа во Куманово. Црвено-црните имаа два гола негатива, направија целосен пресврт, но Башкими во финишот успеа да се спаси и да освои голем бод играјќи 3-3.
Македонскиот шампион одигра спектакуларен натпревар против последнопласираниот тим во Првата македонска фудбалска лига, но наместо со три бода, од Куманово си заминува со реми.
Башкими двапати ја тресеше мрежата во првото полувреме и имаше одлична предност, но Вардар во вторите 45 минути покажа зошто е актуелен шампион. Со два гола на Горан Закариќ за само две минути, „црвено-црните“ направија целосен пресврт и стигнаа до водство од 2-3.
Сепак, во самиот финиш домашниот тим казни едно невнимание во одбраната и преку Хебиб Саити стигна до 3-3.
Башкими одлично го отвори натпреварот и уште во воведните минути двапати се закани преку Рибеиро, но голманот Давор Талески беше на висина на задачата.
Домашните сепак поведоа во 20. минута. По изведен корнер, Фати Исмаили беше највисок во скокот, го надмудри Најдовски и со удар со глава го совлада Талески за 1-0.
Башкими продолжи да притиска, а по уште две одлични интервенции на Талески, домаќините во 27. минута стигнаа и до втор гол. Антонио Силва Рашид искористи украдена топка, излезе сам пред Талески, го заобиколи голманот и погоди во празната мрежа.
Вардар потоа конечно се разбуди. Шампионот започна да ја презема иницијативата, а резултатот беше намален пред паузата. Давид Бабунски се најде на вистинското место по една одбиена топка во шеснаесетникот и погоди за 2-1.
Во вториот дел Вардар целосно го презеде натпреварот. Гостинот создаваше шанси и бараше начин да стигне до израмнување, а тогаш на сцена стапи Горан Закариќ.
Босанскиот офанзивец направи вистински хаос во одбраната на Башкими и за само две минути постигна два гола.
Во 70. минута Закариќ прецизно шутираше со левата нога откосо и донесе 2-2. Само две минути подоцна повторно се запиша во листата на стрелците. Овојпат влезе од спротивната страна и со одличен удар во подалечниот агол го комплетираше пресвртот за 2-3.
Во тие моменти на трибините дојде до зголемена тензија и беа фрлани предмети кон теренот, но ситуацијата брзо се смири.
Се чинеше дека Вардар ќе го однесе целиот плен, но Башкими не се предаде.
Во последните минути нововлезениот Хебиб Саити успеа да му избега на Јанкулов и да го совлада Талески за конечни 3-3.
Вардар така пропушти голема шанса да се доближи до лидерот. По киксовите на Шкендија, Струга ТЛ и Тиквеш во оваа рунда, триумфот во Куманово ќе го донесеше шампионот на само три бода од врвот. Наместо тоа, „црвено-црните“ мораа да се задоволат со само еден бод.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија Тетово не успеа да слави на дуелот со Шкендија Арачиново (1-1), а тоа...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Горан Закариќ (Вардар)
Најдобрите знаат да блеснат кога е најтешко и да го поведат тимот напред. Не...
Автор makfudbal













