Connect with us

Лајпциг одолговлекува, а Реал Мадрид притиска за трансферот на Јан Диоманде

Преговорите меѓу Реал Мадрид и Лајпциг за трансферот на Јан Диоманде сè уште се во ќор-сокак, откако германскиот клуб не одговорил на најновата понуда на „кралевите“, пренесува германски „Скај“.

Во овој момент нема договор меѓу двете страни, а Реал Мадрид нема ниту контрапонуда врз основа на која би можел да ги продолжи преговорите.

Дополнителен показател дека трансферот се движи кон разрешница е фактот што Диоманде не беше ниту во составот на Лајпциг за вчерашниот пријателски натпревар. Според информациите, репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска е подготвен веднаш да отпатува за Мадрид штом добие дозвола од германскиот клуб, каде ќе ги мине лекарските прегледи и ќе го финализира потписот.

Реал претходно понуди 90 милиони евра како фиксна сума, плус уште 10 милиони преку бонуси, но таа понуда беше одбиена. Лајпциг останува цврст на своите барања и инсистира на пакет од 130 милиони евра, при што најголемиот дел од износот треба да биде гарантиран, а не врзан за бонуси.

Интересот на шпанскиот гигант за 19-годишниот офанзивец не е случаен. Диоманде имаше извонредна дебитантска сезона по доаѓањето од Леганес, кој минатото лето го продаде за 20 милиони евра.

Во сезоната 2025/26 одигра 36 натпревари во сите конкуренции, постигна 13 голови и забележа девет асистенции. Во Бундес-лигата настапи на 33 средби, со ефект од 12 погодоци и девет асистенции, со што се етаблираше како еден од најперспективните млади офанзивци во Европа.

Диоманде има договор со Лајпциг до летото 2030 година, но останува да се види дали Реал Мадрид ќе успее да ги исполни финансиските барања на германскиот клуб и да го доведе едно од најпосакуваните млади засилувања на европскиот пазар.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови