Осум фудбалери постари од 40 години, меѓу кои и Кристијано Роналдо, ќе настапат на претстојното Светско првенство, што е повеќе отколку на сите претходни турнири заедно.
На претходните 22 изданија на Светското првенство, од 1930 до 2022 година, настапиле само седум играчи постари од 40 години. Италијанскиот голман Дино Ѕоф бил првиот, на Мундијалот во Шпанија во 1982 година, додека мексиканскиот чувар на мрежата Алфредо Талавера беше последниот, во Катар 2022.
Оваа бројка сега значително ќе се зголеми, а сите овие ветерани се подготвени да покажат дека годините се само бројка.
Крег Гордон (Шкотска)
Голманот на Шкотска ќе биде најстариот играч на овогодишниот турнир и втор најстар во историјата на Светските првенства, веднаш зад египетскиот голман Есам Ел Хадари, кој настапи на Мундијалот во Русија 2018 на возраст од 45 години и пет месеци.
Роден на 31 декември 1982 година, Гордон ќе има 43 години и пет месеци кога ќе започне турнирот. Повеќе од 22 години брани за Шкотска, помина пет сезони во Сандерленд, а сезонава беше блиску до освојување на шкотската титула со Хартс. Ова ќе биде негово прво Светско првенство, а Шкотска се враќа на најголемата фудбалска сцена првпат по Франција 1998.
Кристијано Роналдо (Португалија)
Роден на 5 февруари 1985 година, Роналдо две децении по своето прво Светско првенство сè уште е во потрага по единствениот голем трофеј што му недостига. Доколку Португалија стане светски шампион, тој ќе стане најстариот освојувач на Мундијалот во историјата, надминувајќи го Дино Ѕоф, кој го крена трофејот со Италија на 40-годишна возраст.
Турнирот во САД, Мексико и Канада му нуди и можност да се доближи до уште едно историско достигнување – 1.000 официјални настапи за репрезентацијата.
Гиљермо Очоа (Мексико)
Доколку Мексико стигне до своето прво полуфинале на Светско првенство, Очоа ќе го заврши турнирот на 41-годишна возраст. Роден е на 13 јули 1985 година, а неговата мундијалска приказна започна во Германија 2006.
Тој ќе им се придружи на Роналдо и Лионел Меси во ексклузивната група играчи со шест настапи на Светски првенства. Иако првично не бил во плановите за турнирот, тешката повреда на Луис Малагон му го отвори патот за враќање во националниот тим.
Лука Модриќ (Хрватска)
Лука Модриќ беше клучна фигура во најголемите успеси на Хрватска – второто место во 2018 и третото во 2022 година.
По заминувањето од Реал Мадрид на почетокот на сезоната, подготовките за Мундијалот ги заврши во Милано. На возраст од 40 години и девет месеци повторно ќе се врати на сцената каде што ги испиша најславните страници од својата кариера.
Един Џеко (Босна и Херцеговина)
Рекордерот по број на настапи и најдобар стрелец во историјата на Босна и Херцеговина наполни 40 години во март, а тоа го прослави со пласман на Светското првенство по победата над Италија во баражот.
Џеко и „змејовите“ се подготвуваат за враќање на светската сцена 12 години по единствениот претходен настап. На Мундијалот пристигнува во одлична форма, откако му помогна на Шалке 04 да се врати во Бундеслигата.
Фернандо Муслера (Уругвај)
Прв голман на Уругвај на Светските првенства во 2010, 2014 и 2018 година, а резервен во Катар 2022, Муслера повторно беше повикан во националниот тим во март годинава.
Селекторот Марсело Биелса претходно го изоставуваше, но искусниот голман се врати и ќе биде значајна поддршка за соиграчите. На 16 јуни ќе го прослави својот 40-ти роденден.
Мануел Нојер (Германија)
Еден од најдобрите голмани на својата генерација, Мануел Нојер се повлече од репрезентацијата по Европското првенство во 2024 година, но подоцна ја промени одлуката.
Неговото враќање беше главна вест при објавувањето на составот на Германија за ова Светско првенство, кое ќе биде негово петто. Последниот член од германската генерација што ја освои светската титула во 2014 година ќе настапи на турнирот со 40 години и два месеци.
Возиња (Зеленортски Острови)
Голманот на Зеленортски Острови имаше 39 години кога неговата селекција обезбеди историски прв пласман на Светско првенство.
На 3 јуни наполни 40 години, а неговата репрезентација со убедливата победа од 3:0 над Србија покажа дека има високи амбиции. Од дебито во 2012 година има одиграно 88 натпревари за националниот тим.
-
„Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриa Фудбал Форум 2026“
Оваа година „Макфудбал“ е официјален медиумски партнер на „Адриа Фудбал Форум“, еден од најважните...
Автор makfudbal
-
ФИЛИП ЛАМ ексклузивно ЗА МАКФУДБАЛ: Германија мора повторно да го пронајде својот идентитет
Шокиран сум. Германија по третпат по ред е елиминирана во раната фаза на едно...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Меси „невидлив“ на почетокот против Шпанија!













