Connect with us

Комо на пенали го елиминира Наполи од Купот на Италија

Фудбалерите на Комо вечерва се пласираа во полуфиналето од Купот на Италија, откако како гости го елиминираа сè уште актуелниот шампион, Наполи. По 90 минути игра резултатот беше 1-1, а Комо по вистинска драма во пенал-серијата славеше со 6-7 и обезбеди пласман понатаму.

Комо во полуфиналето ќе игра двомеч против Интер, додека во вториот полуфинален пар ќе се сретнат Аталанта и победникот од дуелот меѓу Болоња и Лацио.

Тешки денови минува екипата на Антонио Конте, испадна од Лигата на шампионите, во Серија А сè повеќе се оддалечува од одбраната на титулата, има премногу повредени фудбалери, а вечерва остана и без единствената реална шанса сезонава да стигне до трофеј.

Во првото полувреме 39 минути речиси ништо не се случуваше, а потоа следуваше голема несмасност на левиот бек на Наполи, Оливера, кој наивно стартуваше врз Хрватот Иван Смојчиќ во сопствениот казнен простор и направи пенал.

Одговорноста ја презеде уште еден Хрват од редовите на Комо, Мартин Батурина, кој од белата точка го совлада Вања Милинковиќ-Савиќ. Голманот беше многу блиску до одбрана, но сепак на семафорот стоеше 0-1.

Наполи знаеше дека мора целосно да го промени пристапот во продолжението и второто полувреме го отвори на одличен начин.

Израмни веќе во 46. минута, по брилијантна акција. Таа започна од Вања Милинковиќ-Савиќ, а на крајот Хојлунд од центарот упати совршено додавање во празен простор зад високо поставената одбранбена линија на Комо. Антонио Вергара ја избегна офсајд-замката, излезе сам пред голманот и го совлада со удар од полн трк од околу 18 метри, за 1-1.

До крајот се обидуваа и двете екипи. Наполи имаше јалова теренска иницијатива, додека Комо пропушти една голема шанса кога Вања го одбрани ударот на Пероне. Резултатот остана 1:1, што значеше дека патникот во полуфиналето ќе се одлучува преку пенали.

Елиф Елмас одигра цел натпревар, беше ефикасен и во пенал – серијата, но на крајот славеше Комо со 6-7 и се пласира во полуфиналето на Купот на Италија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови