Connect with us

КОЛУМНА – Никола Ѓошевски: Транспарентност

Почитувани пријатели,

Најпрво, сакам да изразам голема благодарност за Вашите позитивни критики за новиот проект МАКФУДБАЛ.МК. Иако очекувавме дека брзо ќе ја препознаете нашата идеја, искрено позитивно не изненадивте со Вашата реакција и прифаќање на нашиот проект за релативно брзо време. Секако, како и за секоја друга работа, нема да им се допаднеме на сите и ќе има и такви кои критички ќе настапат, но за нас негативните критики или идеи ќе бидат добредојдени и ќе ги прифатиме како коректор на нашата работа, се во насока да дојдеме до конечната цел, да придонесеме да се зборува за македонскиот фудбал.

Основата на која се темели проектот МАКФУДБАЛ.МК е транспарентноста.Транспарентно да се зборува и за доброто и за лошото во македонскиот фудбал. Транспарентно да истакнеме некои податоци и информации кои се од јавен карактер а никогаш не биле јавно објавени.

МАКФУДБАЛ на еден транспарентен начин ќе ви даде многу информации кои веруваме ќе бидат многу интересени за Вас. Информации кои од секогаш постоеле, но никогаш не биле споделени во јавноста. Макфудбал ќе придонесе транспарентно да се зборува за македонскиот фудбал. Имам впечаток дека сите што се дел од македонскиот фудбал, федерацијата, клубовите, фудбалерите и многу други, не се доволно транспарентни. Мора да сме потранспарентни. Мора јавно да говориме и за добрите и за лошите работи во нашиот фудбал. 

Морам да признам дека ова е мојата прва колумна. Никогаш не сум пишувал колумни претходно. И да бидам искрен, не е лесно. Многу што да се напише, многу идеи, а тешко е да се почне со пишување. Но, мора да пишуваме драги пријатели. Мора да се слушнеме. Мора јавно да зборуваме за македонскиот фудбал. Не има многу. Тренери, доктори, секретари, агенти, претседатели, навивачи, фудбалери, судии, новинари, публика, спонзори, јавност… Сите ние зборуваме, ама тајно помеѓу нас во кафулиња и ресторани. Нашата идеја е преку МАКФУДБАЛ да ве слушнеме јавно сите Вас кои веруваме има многу што да кажете. И добро и лошо, тоа што го имате како став или идеја. Затоа во иднина, сите Вие ќе имате место за колумна во „макфудбал.мк“.

Имам впечаток дека многу работи кај нас во фудбалот се работат недоволно транспарентно. Намерно или не, многу често работите за кои треба јавно да се говори, се пригушуваат во името на тоа да не дознае јавноста. Фудбалот е јавна професија. Фудбалот не е приватна фирма скриена во некоја канцеларија и никој не знае што работиш. Фудбалот е професија од јавен карактер. Сите гледаат како играш фудбал. Сите гледаат како работиш. Секој има право да каже свое мислење за било која тема поврзана со фудбалот посебно во денешно време на социјални мрежи.

Секоја недоволна транспарентност е основа за многу невистинити шпекулации од јавноста. Секоја недоволна транспарентност на ФФМ е извор на многу невистинити информации кои излегуваат од јавноста. Секоја недоволна транспарентност на клубовите е основ за многу неточни шпекулации од нивните симпатизери или навивачи. Затоа, сите Вие треба да сте потранспарентни. Вашите навивачи го заслужуваат тоа. Вашата транспарентност ќе биде позитивно прифатена од јавноста и ќе биде знак за чесност. Вашите грешки преку транспарентноста ќе бидат оценети како ненамерни во Вашата работа и желба за успех.

Затоа драги пријатели, ние решивме од почетокот да бидеме транспарентни. Бидете и Вие. Да зборуваме за македонскиот фудбал. 

Да зборуваме за доброто и лошото во македонскиот фудбал бидејќи само така ќе придонесеме кон подобар фудбал и подобар фудбалски амбиент кај нас. А има многу теми за разговор. Ќе иницираме многу теми. Ќе ве поттикнеме и Вас да коментираме сите заедно на многу теми за македонскиот фудбал. Ќе помогнеме на клубовите и фудбалерите во Македонија и сите заедно ќе придонесеме за поголем развој на фудбалот во нашата земја.

Во иднина, ќе Ви презентираме многу интересни информации, податоци, ставови, идеи, колумни. За почеток еве ви само една. Во името на транспарентноста, дали сте знаеле дека во Македонија има вкупно 572 клубови и 28,945 регистрирани фудбалери од кои 237 се професионалци ?

Поздрав и читајте МАКФУДБАЛ.МК,

Никола Ѓошевски

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови