Connect with us

Колина жестоко му одговори на Трамп

На репрезентацијата на Соединетите Американски Држави не ѝ помогна ниту одлуката да му биде поништена суспензијата на еден од најдобрите играчи, а ниту моќниот Доналд Трамп не успеа да го спречи крајот на американските соништа на овогодинешното Светско првенство.

ФИФА му даде целосна поддршка на бразилскиот судија Рафаел Клаус, откако Трамп го доведе во прашање неговиот интегритет поради црвениот картон што му беше покажан на американскиот напаѓач Фоларин Балогун, што предизвика големи контроверзии на Мундијалот.

Балогун беше исклучен од Клаус по интервенција на ВАР во победата над Босна и Херцеговина во шеснаесетфиналето, бидејќи со копачката го нагази зглобот на Тарик Мухаремовиќ. Сепак, ФИФА подоцна ја поништи неговата суспензија и му дозволи да настапи во следната рунда.

Трамп во понеделникот изјави дека побарал одлуката да биде преиспитана, опишувајќи го Клаус како „малку сомнителен ако ја проверите неговата историја“, без да наведе конкретни детали.

По бурните реакции се огласи и ФИФА, предводена од претседателот на Судиската комисија, Пјерлуиџи Колина.

„ФИФА го признава Рафаел Клаус како еден од водечките светски професионални судии и вреден член на Team One – елитната група судии на ФИФА за Светското првенство. Во текот на својата кариера тој постојано покажуваше највисоки стандарди на професионалност и интегритет“, се наведува во соопштението.

Од ФИФА истакнаа дека Клаус нема да ги коментира случувањата, во согласност со правилото според кое судиите не даваат изјави за медиумите за време на турнирот.


Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, порача дека судиите мора да бидат почитувани.

„Уште еднаш повторувам дека мора да ги почитуваме судиите и правилата што ја регулираат нашата игра“, изјави Инфантино.

Колина дополнително нагласи дека организацијата има целосна доверба во 46-годишниот Клаус, кој во својата кариера судел на повеќе од 600 натпревари.

„Рафаел Клаус суди на своето второ Светско првенство, откако беше дел од турнирот во Катар во 2022 година. Тој е искусен и многу ценет судија и имаме целосна доверба во него како арбитер“, изјави Колина.

На крајот, Балогун доби дозвола да настапи во осминафиналето против Белгија, а селекторот Маурисио Покетино го вклучи во стартниот состав. Но, ниту тоа не им помогна на Американците, кои беа убедливо поразени со 4-1. Белгија така обезбеди четвртфинален спектакл против Шпанија, која со гол во самиот финиш ја елиминира Португалија на Кристијано Роналдо.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови