Connect with us

КЛ: Силекс има гол позитива против Динамо Минск и се надева дека ќе ја задржи и по денешниот реванш

Освојувачот на Купот на Македонија, Силекс, вечерва ќе го одигра реванш-натпреварот против Динамо Минск во првото квалификациско коло од Конференциската лига, со желба да го потврди пласманот во следната рунда.

Кратовци во првиот натпревар остварија минимална, но исклучително важна победа од 1-0 против белорускиот претставник, па пред своите навивачи ќе имаат можност да ја довршат започнатата работа. На Силекс му одговара и нерешен резултат за продолжување на европската авантура.

„Добро знаеме што нè очекува на реваншот. Против себе имаме навистина незгоден и квалитетен ривал, но на првиот натпревар покажавме дека знаеме да одиграме тактички и на резултат. Ова е историска шанса за оваа генерација на Силекс. Ќе направиме сè што е во наша моќ да останеме непоразени и да ја зачуваме предноста.
​Секако, погубно за нас би било доколку се повлечеме во дефанзива уште од првата минута. Наша цел ќе биде, доколку ни се укаже шанса, да постигнеме гол кој би ни го олеснил патот. Противникот е во подобар натпреварувачки ритам, со оглед на тоа што имаат одиграно 15 првенствени натпревари и се лидери во Белорусија. Ние го немаме тој ритам, но веруваме во нашите квалитети и во пласман во следното коло“, вели тренерот Александар Васоски.

Динамо Минск зад себе има сезона што не ги оправда очекувањата во домашното првенство. По двете последовни шампионски титули, белорускиот тим минатата сезона заврши на второто место, зад Витебск. Клубот стигна и до финалето на националниот Куп, но трофејот му припадна на БАТЕ Борисов, кој беше поуспешен по изведувањето пенали, откако регуларниот дел заврши 1-1.

Сепак, актуелната сезона носи многу подобри резултати за Динамо Минск. По 14 одиграни кола, тимот е лидер во белоруското првенство со 33 освоени бодови, два повеќе од најблискиот конкурент. И покрај одличната форма на домашната сцена, Белорусите европскиот настап го отворија со пораз од Силекс и вечерва во Скопје ќе се обидат да ја анулираат негативата и да обезбедат место во второто квалификациско коло.

Натпреварот ќе се одигра на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ, со почеток во 20:00 часот. Директен ТВ пренос од натпреварот ќе има Арена Спорт Македонија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови