Тренерот на Интер, Кристијан Киву, оцени дека Бодо/Глимт покажал повеќе енергија во реваншот (1-2) и сосема заслужено го елиминирал неговиот тим од Лигата на шампионите. Тој призна и дека „нероаѕурите“ не биле доволно конкурентни, а отсуството на Лаутаро Мартинез и Хакан Чалханоглу значително се почувствувало во офанзивата, која и покрај теренската доминација останала без егзекуција.
„Се обидовме со сè што можеме уште од самиот почеток. Игравме против исклучително добро организиран тим со низок блок, кој имаше 10-11 играчи зад топката. Фактот што не успеавме рано да поведеме веројатно им даде дополнителна психолошка сигурност, знаејќи дека ни се потребни два гола само за продолженија“, изјави Киву.
Бодо/Глимт веќе има четири последовни победи во Лигата на шампионите – против Интер, Атлетико Мадрид и Манчестер Сити, а треба да се нагласи дека нивниот домашен шампионат е во пауза, па од средината на септември настапуваат исклучиво во ова натпреварување.
„Немам што да им замерам на играчите – дадоа максимум со енергијата што ја имаа. Но во второто полувреме Бодо имаше повеќе свежина од нас. Се обидовме да постигнеме гол на сите можни начини, но тие двапати нè казнија. Разочарувањето е големо, бидејќи налетавме на тим со значително повеќе енергија. Беа дисциплинирани, знаеја што треба да направат по 3-1 од првиот меч и го спроведоа тоа брилијантно. Можеме само да им честитаме – заслужуваат пласман понатаму“, додаде стратегот.
Интер во последните три години двапати стигна до финалето под водство на Симоне Инзаги, но не испаднал толку рано уште од сезоната 2020/21, кога Антонио Конте не ја мина групната фаза. Тогаш тимот продолжи во Лига Европа, но новиот формат сега значи крај на европската авантура.
„Нашата цел секогаш била да бидеме конкурентни. Започнавме добро со четири победи по ред, но потоа изгубивме бодови и покрај солидните изданија. Нивото овде е високо – ако не ги искористиш шансите и не ги донесеш вистинските одлуки, ќе бидеш казнет при првата грешка“, истакна Киву.
И покрај европското разочарување, Интер има предност од 10 бода во Серија А и го очекува полуфинале во Куп на Италија против Комо.
„Тешко е да се пронајде енергија кога играш на секои три дена. Не можам да барам повеќе од моите играчи. Ако успеевме да поведеме, можеби ќе се создадеше дополнителен ентузијазам. Но, тие се бранеа со десетмина зад топката. Разочарувањето е големо, сакавме барем да бидеме конкурентни во Европа. Се вртиме кон нова страница – ова е Лигата на шампионите и мора да им се оддаде признание на противниците за тоа што го постигнаа“, заклучи Киву.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија го доби дербито со Вардар и се врати комплетно во трката за шампионската...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на колото: Лиридон Љатифи (Шкендија)
Шкендија дојде во Скопје и стави крај на неподеливоста на Вардар. Целиот тим на...
Автор makfudbal
Евро-фудбал
Манчестер Јунајтед сака да го купи Елиф Елмас!
Интернационалци
Елиф Елмас доби место во тимот на колото во Серија А













