Connect with us

Кимих: Секој што ќе дојде на Мундијал, посакува и да го освои

Капитенот на германската репрезентација, Џошуа Кимих, испрати јасна порака до своите соиграчи пред почетокот на Светското првенство, нагласувајќи дека амбициите мора да бидат највисоки, но и дека само желбата не е доволна за освојување на титулата.

„Се надевам дека секој што е тука има една цел – да стане светски шампион“, изјави Кимих во разговор за „Магента ТВ“.

Фудбалерот на Баерн Минхен истакна дека добрата атмосфера и позитивното расположение во репрезентативниот камп се важни, но дека вистинските резултати се постигнуваат на теренот.

„Не е доволно само да посакуваме успех. Сега мораме да покажеме со дела и да направиме сè што е потребно за да победуваме на натпреварите“, порача искусниот играч за врска.

Германија го отвора својот настап на Мундијалот во недела со дуел против Курасао во Хјустон, а во групната фаза ќе се соочи и со селекциите на Брегот на Слоновата Коска и Еквадор.

Кимих потенцираше дека условите за подготовка се одлични, но предупреди дека тоа не смее да создаде лажно чувство на сигурност.

„Сè е организирано на врвно ниво и постојат многу причини да бидеме задоволни. Но, убавиот камп не носи резултати сам по себе. И во Катар се чувствувавме одлично, па сепак го завршивме настапот уште во групната фаза“, потсети германскиот капитен.

Токму раните елиминации на Светските првенства во Русија 2018 и Катар 2022 претставуваат дополнителен мотив за германската селекција, која во турнирот влегува со серија од девет последователни победи.

Селекторот Џулијан Нагелсман се согласи дека добрата подготовка може да биде значаен фактор, но нагласи дека конечниот успех секогаш зависи од изданијата на теренот.

„Најважни се натпреварите, но сликата секогаш е поширока. Кога играчите се чувствуваат добро и имаат идеални услови за работа, поголема е веројатноста да играат квалитетно. А кога играте добро, шансите за успех се значително поголеми“, изјави Нагелсман.

Германците на претстојниот Мундијал ќе се обидат да ги избришат спомените од последните два неуспешни настапи и повторно да се вклучат во борбата за светскиот трон.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови