Connect with us

Јуве го доби дербито со Рома (ВИДЕО)

Јувентус излезе како победник од дербито со Рома во 16. коло од Серија А, откако на „Алијанц стадион“ славеше со 2-1 и ја потврди добрата форма во клучен момент од сезоната.

„Старата дама“ го надоврза триумфот од Болоња и со уште едно зрело издание стигна до 29 бодови, со што се искачи на петтото место, само еден чекор зад Рома. За разлика од Јуве, римјаните продолжуваат со променливите настапи и сè појасно е дека против најсилните екипи тешко наоѓаат решение.

Домашниот тим уште од почетокот ја презеде контролата и создаде сериозен притисок пред голот на Свилар, кој со неколку интервенции ја одржуваше Рома во игра. Отпорот на гостите беше скршен во финишот на првото полувреме, кога по убава тимска акција Франсиско Консеисао прецизно реализираше за водство од 1-0.

Јувентус не застана тука и продолжи со офанзивна игра и по паузата. Иницијативата беше крунисана во 70. минута, кога по мешаница во шеснаесетникот најприсебен беше Опенда и од непосредна близина ја удвои предноста на „бјанконерите“.

Рома накратко се врати во натпреварот со погодокот на Балданци во 76. минута, што внесе доза на неизвесност во завршницата. Сепак, Јувентус знаеше како да го одбрани водството, а Јилдиз беше блиску да стави печат на победата, но ја погоди стативата.

Со оваа победа, Јувентус испрати јасна порака дека сериозно се враќа во трката за врвот, додека Рома повторно остана без резултат во дуел со директен конкурент.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови