Connect with us

Јордан го обвини Џани Инфантино за уцена – побарал поддршка во замена за парите што треба да им ги исплати ФИФА

Кризата околу Џани Инфантино добива ново продолжение. По неуспешниот обид дел од турнирите на ФИФА да им бидат понудени на приватни инвеститори, претседателот на светската куќа на фудбалот се соочува со сѐ поголем отпор, а поддршката што ја уживаше од националните федерации забрзано се намалува.

Најновите обвинувања пристигнаа од Јордан. Претседателот на тамошната фудбалска федерација, принцот Али бин Ал Хусеин, жестоко го нападна Инфантино, обвинувајќи го дека вршел притисок врз федерациите и ги условувал со финансиска поддршка доколку му дадат политичка поддршка. Со тоа Јордан стана првата азиска федерација што јавно застана против актуелниот претседател на ФИФА.

„Имаме многу проблеми со ФИФА, а најдобар пример е нашето прво учество на Светско првенство. Иако сме мала земја со ограничени финансиски ресурси, се соочивме со огромни пречки“, изјави принцот Али.

Тој нагласи дека многу јордански навивачи не успеале да добијат визи за влез во САД, иако навреме купиле билети, кои според него биле продавани по превисоки цени.

Покрај тоа, јорданската федерација морала да плаќа даноци кон американските власти преку ФИФА, трошок што не го имале репрезентациите чии бази биле во Канада или Мексико.

„Тоа беа пари што требаше да завршат кај нашите играчи и стручниот штаб. Наместо тоа, плативме огромни даноци само затоа што бевме сместени во САД“, рече тој.

Првиот човек на јорданскиот фудбал откри и дека федерацијата сѐ уште не ги добила средствата што ѝ следуваат од наградниот фонд за пласманот во финалето на Купот на Арабија.

„Со месеци чекаме исплата, додека ФИФА се пофалува со милијардите што ги поседува. Уште полошо, за време на Светското првенство ми беше кажано дека доколку јавно го поддржам Инфантино, нашата федерација ќе добие поголема помош од ФИФА. Тоа е неприфатливо“, изјави принцот Али.

Тој порача дека Јордан нема намера да попушти под такви притисоци.

„Нашата федерација секогаш ги брани етичките принципи. Не го поддржавме Инфантино досега и нема да го направиме тоа ниту во иднина. Ова е класичен пример на уцена и нема да дозволиме да бидеме вовлечени во такви игри“, истакна принцот Али бин Ал Хусеин.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови