Connect with us

Интер со крупни чекори ита кон Скудетото (ВИДЕО)

Фудбалерите на Интер со сигурни чекори се движат кон враќање на шампионската титула во Милано, а вечерва направија уште еден важен исчекор кон Скудетото со убедливата домашна победа од 3-0 против Калјари, во воведниот натпревар од 33. коло во Серија А.

Прашањето за победникот беше решено во првите десетина минути од второто полувреме, кога Маркус Турам и Николо Барела во период од само четири минути ги постигнаа клучните голови.

Турам во 52. минута рутински реализираше на втор дирек по одличен продор и центаршут на Федерико Димарко, а конечниот исход практично беше запечатен во 56. минута, кога Барела во свој стил ја закова топката во мрежата покрај повеќе противнички играчи.

Уште тогаш беше јасно дека „нероаѕурите“ ќе стигнат до третата победа по ред и ќе одржат предност од дури 12 бода во однос на второпласираниот Наполи, кој во сабота го очекува тежок натпревар против Лацио.

Конечните 3-0 ги постави Пјотр Зјелински со вистински еврогол во судиското продолжение, во натпревар кој ќе се памети и по израмнувањето на рекордот на Димарко по број на асистенции во Серија А — 16, достигнување кое досега го држеше Папу Гомез од Аталанта.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови